ТЕРА

REKLAMA???

Како Тони Коњановски ја замислува Битола?

Последната прес-конференција на битолскиот градоначалник Тони Коњановски донесе многу големи зборови, најави и фалби за некаква „историска градежна офанзива“. Под паролата дека Битола се гради како никогаш досега, градоначалникот се обиде да се прикаже како многу успешен. Но, кога ќе ги погледнете бројките што самиот ги кажа, се наметнува дилемата дали парите се трошат на погрешни места, колку општината зависи од Владата во Скопје, и зошто најранливите граѓани се целосно заборавени?

Од презентираниот извештај на Коњановски, видливо е дека најкрупните и позначајни проекти во Битола (81 проект од унгарскиот кредит, Киното „Партизан“ од Владата, Салата за бокс со владини пари, соработка со ФФМ за Ќумурното, Противпожарната зграда со грант од САД…) се финансираат од надворешни извори. Тогаш прашањето е каде точно завршува изворниот годишен буџет на Општина Битола кој изнесува околу 51 милион евра? Ако развојот и капиталните објекти се градат со туѓи пари и кредити кои граѓаните допрва ќе ги враќаат, кои се точните ставки на кои Општината ги троши милионите собрани директно од даноците и давачките на битолчани?

Плус, тоа што Битола добила пари од Владата за 81 проект не е затоа што Општината заработила или имала добра стратегија. Сите тие проекти ќе се прават со пари од централната власт, и тоа преку унгарскиот кредит. Со други зборови, Општина Битола се однесува како обичен извршувач кој троши туѓи пари, а не како самостојна власт која сама знае да создаде буџет.

Исто така, градоначалникот ги меша брзините кога зборува за времето. Во ист кош ги става „првата година од мандатот“, „изминатите 10 месеци“ и „четиригодишниот напредок“. Ова го прави намерно, за да си препише стари заслуги како експресен успех во сегашниот мандат.

Вистинскиот “успех” на Коњановски се гледа кога ќе погледнеме каде одат парите од годишниот буџет на Битола, кој изнесува околу 51 милион евра (или 3,14 милијарди денари). Математиката е поразителна. Се инвестира во градежни објекти, а луѓето се оставени на цедило. За спортски сали и терени се одвоени дури 310 милиони денари, скоро 10% од целиот буџет. За култура и концерти се даваат “скромни” 45 милиони денари, односно едвај 1,4% од буџетот, што е седум пати помалку од спортот. За социјална заштита (помош за најранливите категории граѓани) се дадени мизерни 14,6 милиони денари. Тоа се 0,47% од вкупната општинска каса. Ова значи дека Општината троши дури 21 пат повеќе пари за спортски објекти отколку за помош на социјално загрозените граѓани! На пример, болните со ретки болести добиваат само 1,5 милиони денари, и тоа за патни трошоци. За уредување на домови за лица со попреченост се даваат само 500.000 денари, пари со кои реално можат да се направат само неколку рампи. За Коњановски очигледно е поважно да потроши 40 милиони денари за реновирање на старата боксерска сала, отколку да ги реши маките на најранливите битолчани.

Општинската власт се фали со недовршени проекти како да се готови. Најдобар пример е противпожарната зграда. Општината потрошила огромни 52 милиони денари од народот, а зградата стигнала само до „карабина со дограма“. За да се доправи, сега Битола чека милостина од странство, поточно грант од еден милион долари од Министерството за одбрана на САД. Ако тие пари задоцнат, Битола ќе остане со скапа и бескорисна бетонска школка.

Истата приказна се повторува и кај градинките. Коњановски со гордост најавува дека „идната година“ листата за чекање ќе се намали за 246 деца. Но, со ова тој всушност признава дебакл. Признава дека и по толку години на власт, Битола сè уште има огромен проблем и децата нема каде да се запишат, па проблемот пак се одложува за во иднина.

За велосипедските патеки приказната е веќе досадна. Пак се фалат со претходните 5 километри и пак најавуваат „подготовки“ за нови 2,7 километри, додека во реалноста градот секојдневно се гуши во невиден сообраќаен хаос.

На крај, Градоначалникот сам признава дека градот се соочува со „демографски предизвици“, што на народен јазик значи дека младите масовно и со голема брзина бегаат од Битола. Но, неговиот лек против иселувањето е градење фудбалски терени и објекти од 96 милиони денари. Иако тој тврди дека ова не е популизам и политички маркетинг, реалноста го демантира. Оваа прес-конференција беше токму тоа. Обид да се сокријат вистинските маки и сиромаштијата на граѓаните зад новиот асфалт и унгарските милиони. Вистински план за тоа како да се сопре празнењето на Битола, оваа власт изгледа воопшто нема. А, нема и јасни индикатори каде се трошат парите на битолчани кога скоро се што гради Коњановски, гради со туѓи пари!

редакциски коментар