ТЕРА

REKLAMA???

КРАЈОТ НА МЕСЕЦ СЕПТЕМВРИ И ПОЧЕТОКОТ НА МЕСЕЦ ОКТОМВРИ СЕ РЕЗЕРВИРАНИ ЗА ЗИМНИЦА

Сезоната на зимници во Македонија, Битола не е исклучок, е сезона на најсилната математика што ја прават домаќинствата кои по традиција,но и заради верувањето во економска добивка, секојдневно од пазар нешто носат дома. Со цените и проблемите за кои земјоделците реагираа неодамна, правењето зимница е тема за дилема и домашна дискусија.

За 10 тегли ајвар, според одредени проценки потребни се 25 до 30 килограми црвена пиперка. Со цена од 50 помалите до 70 денари подобрите, само пиперките чинат 1.500-2.000 денари. Доматите се продаваат за 40 до 50 денари за килограм, корнишоните – 60 денари, зелените пиперки од 60-80 денари за килограм, а кромидот 50 денари за килограм. Вакви беа цените во вторникот. И, производителите не очекуваат дека ќе ги намалат цените. Напротив, се жалат ваквите цени не ги покриваат нивните трошоци за да стигне „зимницата“ на тезга.

Но, цената на тегла зимница не завршува со нејзиното купување, тоа е почетокот на формирањето на нејзината завршна цена.

Струјата, во зависност од тарифата ќе ве чини 45 до 100 денар за потрошени 20 kWчас . И трудот има цена, само што кај нас не се пресметува, оти е работа на домаќинката , економска категорија обично неплатена.

Кога ќе се додадат масло, сол, тегли и капачиња цената достигнува до 150тина денари за тегла. А ако се пресмета и трудот ( околу 10 часа работа по условна цена од 350 денари на час) сметката ќе порасне уште за 3.500 денари, а цената на теглата ајвар до 300 денари.

А зимницата не завршува со ајварот.

За 10 килограми домати ќе платиме околу 400 до 500 денари, зависно од изборот. За 5 килограми корнишони – околу 300 денари. Пет килограми зелени пиперки се околу 350 денари, а пет килограми кромид уште 250 денари.

Црните сливи за мармалад се меѓу поевтините – 30 денари за килограм, па 10 килограми чинат само 300 денари. Но и тука треба да се додадат шеќерот, теглите, енергијата и, се разбира, неколку часа стоење пред шпоретот.

Кога ќе се соберат една примерна тура ајвар, доматен сос, корнишони, туршија и мармалад, самите свежи производи чинат околу 3.000 денари. Со тегли, додатоци и енергија, директниот трошок се качува на околу 6.500 до 7.000 денари. Ако се вреднува и сопствениот труд, истата домашна зимница може да достигне 11.000 до 12.000 денари.

А ние зимницата ја правиме дома за да поминеме поевтино. Но ако го пресметаме и времето поминато во берење, печење, лупење, мелење, пржење и полнење тегли, традицијата станува прилично сериозна инвестиција. А сепак, во јануари, кога ќе се отвори првата тегла, ретко кој ќе праша колку чинел часот работа. Прашуваат само „дали има уште ајвар?“.