Сите фактултетски единици денеска со посебна свеченост го одбележаа првиот академски час во академската 2026/ 2027 година. Ректорот, декани, професори и нови студенти – бруцоши доминираа низ ходницие на сите факултети. Централниот настан се одржа на Правниот факултет-Кичево, дисперзирани студии во Битола.
Доделувајќи ги индексите на новите студенти деканката проф. д-р Светлана Вељановска упати желби за успешна и плодна академска 2026/2027 година, осврнувајќи се на зголемениот интерес за правните науки и улогата на високото образование и стручноста во градењето на перспективите на младите и општеството. Оваа порака најде своја потврда и во обраќањата од присутните гости, кои го истакнаа значењето на образованието и младите за идниот развој на локалната самоуправа, но и за напредокот на пошироката заедница.
Сепак, најважно е да се пребродат студентските години. Денеска студентите на ФИКТ добија совет од Валентин Стојановски, од факултетскиото студентско собрание.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, денеска оствари средба со скоро сите бруцоши на факултетите. Најпрвин на Факултетот за биотехнички науки, се обрати пред новата генерација бруцоши, заедно со деканката, проф. д-р Елена Јошевска и продекани од единицата. Потоа продолжи со комуникацијата со новите студенти на Факултетот за информациски и комуникациски технологии. На новите студенти им порача мудро да ги користат студентските денови запознавајќи ја својата професија и животот.
Со Првиот академски час, УКЛО ја започна новата академска година во духот на знаењето, инклузијата, заедништвото и активното студентско учество, со јасна определба – универзитетскиот простор да биде средина за образование, развој, рамноправност, поврзување и создавање нови идеи.












