ТЕРА

REKLAMA???

Тендерски игри за женското претприемиштво во Битола?!

Кој побарал изработка на Стратегија за развој на женското претприемништво во Битола?

Зошто било одлучено Стратегијата да се плати со 336.000 денари, пари на граѓаните, кога претседател на советодавното тело за женско претприемништво е експерт во оваа област и веројатно самата и/или со помош на колешките од телото, можела да го изработи овој документ?

Дали претседателката на Советот за женско претприемништво, Моника Марковска не дошла во судир на интереси кога преку своето приватно здружение се пријавила на тендерот за изработка на Стратегијата?

Дали Марковска ги известила останатите членки на Советот за оваа намера?

Ова се само дел од прашањата кои и натаму чекаат одговор бидејќи Општина Битола и Советот за развој на женското претприемништво во Битола ниту вчера, ниту денес не се охрабрија да ги објаснат во име на транспарентноста. Од сите вклучени страни во овој скандал во најава, единствено одговори испрати агенцијата што го доби тендерот за изработка на Стратегијата. Од Маркет Висион ги отфрлија сомнежите за претходни пазарења. Тврдат дека во текот на подготовката на понудата немале никаква соработка, средба или консултација со никого од Советот за женско претприемништво, ниту со локалното здружение ВР ЛАБ Битола каде претседателка е Моника Марковска, а кое,исто така, се пријави на тендерот.

„Искрено, за постоењето на Здружението дознавме дури на јавното отворање за предметот на набавка“, вели управителката на агенцијата, Николина Стојановска.

Со ова, Маркет Висион веројатно се обидува да се дистанцира од какви било инсајдерски договори во Битола, заштитувајќи го својот професионален интегритет и позиционирајќи ја својата победа на тендерот како чист пазарен исход.

Сепак, одговорот на агенцијата открива еден клучен момент кој покажува како Општина Битола раководи со процесите. Според управителката Стојановска, претседавачката на Советот за женско претприемништво, Моника Марковска, ја запознале дури на почетниот состанок за имплементација на проектот, каде што таа била присутна на личен повик од страна на претставник на Општина Битола. Ова потврдува дека општинските служби свесно ја донеле на иста маса претседателката на советодавното тело чие приватно здружение само неколку недели претходно неуспешно се обидело да го добие тендерот кој го доби Маркет Висион. Односно, општината е таа што дозволила ваквиот очигледен судир на интереси да продолжи да се реализира зад затворени врати.

На прашањата за тоа каква методологија била користена, колку точно пари биле потрошени на терен и колку битолски жени претприемачки биле реално анкетирани, од Маркет Висион одбија да дадат конкретни бројки. Изговорот е дека тие како изработувачи не смеат да ги споделуваат тие детали, но потенцираат дека документот е веќе завршен, во тој кус рок од 60 дена и уредно предаден, па нѐ упатија да го побараме во општинската зграда.

Одговорите од Маркет Висион разјаснија неколку дилеми, но сеуште не ја објаснаа целата слика околу нарачката и изработката на Стратегијата. Молкот на општината и на Советот за развој на женското претприемништво дополнително го разгорува сомнежот на непринципиелни, па дури и незаконски, поведенија на дел од инволвираните. За општинските функционери сумата од 336.000 денари за еден документ можеби изгледа како ситна бирократска ставка, но за обичните граѓани тоа се многу пари. Граѓаните на Битола имаат целосно право и мора точно да знаат како и каде завршува секој нивен денар, па затоа молчењето на Тони и на Моника едноставно не е опција која јавноста ќе ја прифати.