Јубилејното, 35-то издание на меѓународниот фестивал на класична музика „Интерфест“ беше заокружено со вистински музички спектaкл во Битола.
Вечерната магија беше резервирана за Националниот Камерен оркестар на Битола, кој под диригентската палка на маестро Владимир Димовски го изведе генијалното дело на Волфганг Амадеус Моцарт – Симфонијата во ге-мол бр. 40. Сјај, убавина, едноставност, невиност, раскошна мелодика, брио, тоа е воодушевувачката музика на Генијот.
Вториот дел од концертот донесе силни емоции и врвна експресивност со изведбата на
музиката на Вивалди преточена во вжештена аргентинска атмосфера, од италијанскиот композитор Астор Пиацола: „4 Годишни времиња”.
Како специјален солист на вечерта настапи извонредниот виолинист Емир Имеров, кој на битолската публика и подари незаборавно доживување.
Претходната вечер настапи Иг Леклер, продуховен толкувач на музиката на Клод Дебиси и Морис Равел. Тој ги пренесе генијалните новини на француската музика од крајот на 19-век и првата половина на 20-от век: богатството на хармониите кои се навраќаат и кон егзотичните целотонски скали, потрагата по нови бои во импресионистичката музика на Дебиси како и експресионистичките елементи во делата на Равел кои донесуваат апартни хармонии и исклучителна пијанистичка бравура.











