Промена во сопственичката структура на Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ АД Битола. Компанијата „Канди Инвест“ ДООЕЛ од Скопје го зголемила својот удел и сега поседува 24.794 акции, односно 12,22 проценти од вкупниот број акции на битолската компанија.
Според известувањето објавено преку Македонската берза, „Канди Инвест“ претходно располагала со 14.258 акции, што претставувало 7,03 проценти од акционерскиот капитал. Со стекнувањето дополнителни 10.536 акции, уделот на компанијата значително е зголемен.
Единствен сопственик и управител на „Канди Инвест“ е бизнисменот Зоран Илоски. Фирмата е основана во јули 2024 година и се занимава со трговија на големо со жита, суров тутун, семиња и добиточна храна.
Илоски има долгогодишно искуство во земјоделско-прехранбениот сектор. Во текот на својата кариера бил поврзан со раководењето со компании како „Жито Полог“ и млекарницата „Здравје Радово“, а имал ангажмани и во компанијата „Пелистерка“.
Промената доаѓа по претходните информации за преструктурирање на акционерската сопственост во ЗК „Пелагонија“, меѓу кои и намалувањето на уделот на Дејан Панделески под прагот од пет проценти.
Со новото зголемување, „Канди Инвест“ станува еден од акционерите со значителен удел во една од познатите земјоделски компании со седиште во Битола.
Нови преструктурирања во ЗК Пелагонија











