ТЕРА

REKLAMA???

ПРЕД ДЕВЕТНАЕСЕТ ГОДИНИ, МАКЕДОНИЈА И ЦЕЛИОТ БАЛКАН ЈА РАЗБРАА НАЈТАЖНАТА ВЕСТ

На денешен ден, пред точно деветнаесет години, Македонија и целиот Балкан ја разбраа најтажната вест: во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска, го загуби животот нашата музичка икона — Тодор Проески – Тоше. Имаше само 26 години.

И оваа година, споменот не бледнее.  Тоше го покажа својот талент уште како момче на фестивалот „Златно славејче“ во 1992 година. Неговата професионална кариера почнува со победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година, за да прерасне во амбасадор на УНИЦЕФ и глас кој ги рушеше сите јазични и национални бариери на Балканот.

Истата година настапува и на „Макфест“ со композицијата „Пушти ме“, со што го привлекува вниманието на пошироката јавност. Песните „Пушти ме“ и „Остани до крај“ го означуваат неговиот ран подем, а пресвртна точка во кариерата му е настапот на Скопскиот фестивал во 1999 година со „Твоите бакнежи на моите бели кошули“.

Деби-албумот „Некаде во ноќта“ го објавува во 1999 година, по што следи период на интензивна продукција и концертна активност. Во 2000 година учествува на „Скопје фест“ со песната „Солзи прават златен прстен“, а истата година го промовира и албумот „Синот Божји“.

Во следните години неговата кариера добива регионална димензија, со изданија на македонски, српски и други јазици.

Посебно значаен момент во неговиот професионален развој е победата на „Беовизија“ во 2003 година со песната „Чија си“, што го позиционира како една од водечките поп-ѕвезди на Балканот. Во 2004 година ја претставува Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Истанбул со песната „Life“, англиска верзија на „Ангел си ти“, и го освојува 14. место во финалето.

Зад себе остави седум албуми, меѓу кои и последниот „Игри без граници“, промовиран само две недели пред кобната несреќа, како и последниот хуманитарен концерт одржан на Градскиот стадион во Скопје., посветен на поддршка на образованието.

„Верата во луѓето не ја губам“ – велеше Тоше. Денеска, 19 години подоцна, неговите песни се секојдневен потсетник дека ангелите понекогаш само поминуваат низ земјата.

Посмртно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија, а 17 октомври 2007 година беше прогласен за Ден на национална жалост.