ТЕРА

REKLAMA???

Од секое дрво, не бива свирче

Во градот под Пелистер, кој историски секогаш важел за политички барометар и жариште на гласни опозициски битки, денес локалната СДСМ функционира во некој чуден, досега невиден астрономски ритам. Претседател на општинската организација, Зоран Стојчевски, успеа да “патентира” нов модел на лидерство. Се појавува пред граѓаните на Битола ретко, како Халеевата комета. Математиката на неговиот ангажман по преземањето на функцијата е поразителна за партијата, а комична за јавност. Една изјава во јули, па цели два месеци медиумски и теренски мрак, за дури во септември повторно да го фати микрофонот. Додека Битола секојдневно се соочува со локални проблеми, комунален хаос и политички превирања, првиот човек на опозицијата ја практикува политиката во циклуси од по 60 дена.

Дека „вселенскиот биоритам“ на претседателот не е само естетски проблем за медиумите, туку сериозна рак-рана што ја јаде партиската инфраструктура одвнатре, покажа неодамнешниот партиски марш во Прилеп. Битола, која секогаш учествувала со стотици социјалдемократи на централните партиски настани, под раководство на Стојчевски доживеа незапаметено организациско фијаско. Имено, додека партискиот врв очекувал силна поддршка и логистика од Битола со проектирана квота од 10 автобуси, реалноста на теренот удри како ладен туш. ОО СДСМ Битола успеа да тргне со едвај два автобуси. И тие полупразни. Сликата ја спасуваа неколку возила со членови кои приватно се организираа за да не биде бламажата комплетна. Овој дебакл е веројатно најочигледниот доказ дека членството и симпатизерите едноставно не ја препознаваат енергијата на новиот претседател.

И додека на хартија и според официјалниот “возен ред” просториите на ОО СДСМ Битола секој работен ден уредно се отвораат за граѓаните, реалноста внатре е поразителна. Извори од партијата брифираат дека зад тие отворени врати владее вистински пустош. Времето кога во штабот вриеше од луѓе, кога граѓаните доаѓаа да ги споделат своите маки, а членството ги кроеше локалните стратегии, сега е далечно минато. Денес, таму не влегува апсолутно никој од надвор. Единствените кои ги амортизираат партиските фотелји се Стојчевски и неколкумина негови блиски функционери. Наместо народен сервис и отворена канцеларија за битолчани, СДСМ Битола се претвори во приватен клуб на една изолирана дружина.

Во тој клуб по мерка на Стојчевски, засега нема ниту едно препознатливо име, ниту еден од поранешните високи функционери на социјалдемократите. Партиски извори брифираат дека вината за оваа состојба треба да се бара исклучиво кај самиот Стојчевски. Неговиот долгогодишен „отровен однос“ кон секој што во даден момент претставувал пречка за неговите лични амбиции и политички апетити, денес му се враќа како бумеранг. Суетата и личниот интерес ја испразнија партијата, велат нашите соговорници.

И додека Стојчевски наводно минува низ сериозни внатрепартиски „тешкотии“ и глуми опозиционер, во позадина работите изгледаат поразлично. И прилично профитабилно. Соработката на неговиот брат со актуелната локална власт на ВМРО-ДПМНЕ во Битола тече како подмачкана. Кафаната во која и самиот Стојчевски е редовен чирак, неодамна го организираше првото издание на „Чкембе фест Битола 2026“. Настанот, кој беше помпезно промовиран на плоштадот „Магнолија“, ја доби целата можна поддршка од општината и лично од градоначалникот Тони Коњановски.

Некои наивни партиски војници би рекле дека сето ова е чиста случајност. Но, во Битола одамна никој не верува во случајности. Изгледа дека во ова сурово, капиталистичко време, додека обичното членство се замајува со лажни ветувања за „борба“, единственото нешто што е навистина важно за првиот човек на СДСМ Битола е личниот и семејниот интерес. Додека партијата тоне во сивило, семејниот казан со чкембе чорба убаво си крчка на огнот на локалната власт.

Кога ќе се соберат сите коцки, заклучокот е повеќе од јасен. Под водство на Зоран Стојчевски, општинската организација на СДСМ веќе не е политички фактор и вистинска опозиција. Битолчани одамна му го доделил прекарот на првиот човек на локалното СДСМ, но дури сега се гледа суштината на таа народна мудрост. А, таа е дека од секое ”дрво“ не бива свирче. Уште помалку политички лидер кој знае да засвири во ритамот на народот. Додека граѓаните на Битола во заедничка организација на Коњановски и Стојчевски ќе си сркаат чкембе чорба на плоштад, СДСМ мирно ќе си чека некои подобри времиња за да оживее. Битола останува политички пуста, залудно чекајќи некој што навистина ќе знае да ги брани нејзините интереси.