ТЕРА

REKLAMA???

МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА И ТЕАТАРСКА УМЕТНОСТ УШТЕ ЕДНАШ ГИ ОСВОИЈА СРЦАТА НА ЕВРОПСКАТА ПУБЛИКА

По успешните настапи на „Охридско лето“, фестивалите во Верона и во Бутринт, ансамблот на Битолскиот народен театар ја воодушеви и публиката во Полска. На 16-ти октомври, во рамките на десеттото јубилејно издание на меѓународниот драмски фестивал „Правец Исток“, битолчани настапија во Театарот во Бјалисток со исклучително комплицираната драма „Кореолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел.

Пред почетокот на претставата, пред преполната сала, на присутните веќе трета година по ред им се обрати македонскиот амбасадор во Полска, Јасмин Ќахил. Тој ја истакна важноста на културната дипломатија како клучен мост за соработка меѓу народите. По завршувањето на изведбата, седумчлениот актерски тим предводен од директорот Васко Мавровски, заедно со режисерот Блондел, остана на сцената за да одговара на бројните прашања од заинтересираната полска публика. Од македонската амбасада во Полска преку официјално соопштение го пофалија извонредниот настап и потсетија на историското реноме на Битолскиот театар, кој уште во 70-тите и 80-тите години беше прогласуван за еден од најдобрите во поранешна Југославија. Ова беше петто последователно учество на овој реномиран фестивал, што сведочи за одличната континуирана соработка меѓу театрите од Битола и Бјалисток.