Актерите Соња Михајлова и Слободан Степановски, како и писателот Петре Димовски, се предложени за наградата „4 Ноември“ за животно дело. За признанијата за едногодишни достигнувања, пак, се поднесени вкупно 17 предлози.
Меѓу предложените за едногодишни достигнувања се директорот на Казнено-поправната установа „Затвор Битола“, Александар Јовковски, како и самата установа. Двата предлога ги поднел Црвениот крст од Битола, во знак на признание за поддршката при реконструкцијата на нивниот објект. Во образложението за номинацијата на Јовковски се наведува дека тој помогнал во реализацијата на капиталниот проект, овозможувајќи потребните активности да се спроведат без финансиски надоместок. За затворот, пак, се посочува придонесот преку програмата за ресоцијализација, со која штитениците се ангажираат во јавни установи и претпријатија. Од Црвениот крст појасниле дека приватни компании за реконструктивните работи барале високи суми, додека Затворот обезбедил бесплатен ангажман на свои штитеници.
За наградата е предложен и Домот за доенчиња во Битола, по предлог на директорката Билјана Анастасова. Во образложението се истакнува долгогодишниот придонес на установата во заштитата, згрижувањето и унапредувањето на благосостојбата на најмладите.
Организацијата на жени од Битола го предложила Јавното претпријатие Национален парк Пелистер, поради активностите за заштита и афирмација на природните вредности на планината во изминатиот период.
Меѓу останатите кандидати за едногодишни достигнувања се анестезиологот д-р Тања Струменковска-Ристевска, спортистот и тренер Кире Марков, драматургот Билјана Крајчевска, професорите д-р Горан Илиќ и д-р Менде Солунчевски, авторот на документарни филмови Шенол Мемиш и хроничарот Зоран Ѓоргиев. На листата се и педијатарот и неонатолог д-р Маргарита Камбовска, организаторката на Бадниковата поворка Јасна Николовска, психологот Аница Златевски и Триото „Интерарт“.
Според објавените критериуми, наградата се доделува на физички и правни лица за значајни остварувања во општествените и научните дејности, кои претставуваат посебен придонес за развојот на Општина Битола, Македонија и светот. Право да предлагаат кандидати имаат правни лица, здруженија на граѓани, групи граѓани и поединци.
„4 Ноември“ е едно од најзначајните општински признанија во Битола, наменето за поединци и институции со значајни остварувања во различни области од општествениот живот. Наградата го носи историскиот печат на Народноослободителната борба.
За добитниците на наградата „4 Ноември“ одлучува деветчлениот Управен одбор на Советот на Општина Битола, со кој претседава Бојан Бојкоски. Членови на одборот се советниците Марина Крстиќ, Наташа Марковска, Мартин Ивановски, Александар Јаневски, Филип Поповски, Илија Келепуровски, Јадранка Павловска и Миле Трајковски.











