МЕПСО бара речиси двојно зголемување на тарифата за пренос на електрична енергија од 1 јануари 2027 година. Доколку Регулаторната комисија за енергетика го прифати барањето, тарифата би се зголемила од сегашните 0,3018 на 0,5966 денари за киловат-час, што претставува раст од 97,68 проценти. Барањето е доставено до РКЕ на 16 октомври, а рокот за поднесување забелешки во постапката е 29 октомври.
Државниот оператор за пренос на електрична енергија за следната година бара да му биде одобрен регулиран приход од околу 3,39 милијарди денари, додека за 2026 година му се одобрени 1,88 милијарди денари. Во исто време, МЕПСО планира да пренесе 5,68 милијарди киловат-часови електрична енергија, што е помалку од 6,24 милијарди киловат-часови, колку што биле предвидени за оваа година.
Бараното зголемување на тарифата се однесува на услугата за пренос на електрична енергија, а не на вкупната цена што граѓаните ја плаќаат за струја. Сепак, оваа тарифа е една од компонентите што влегуваат во конечната пресметка на сметките за електрична енергија. Колкав ќе биде вкупниот ефект врз сметките во 2027 година ќе зависи и од другите ценовни компоненти, меѓу кои и од цената по која ЕСМ ќе ја продава електричната енергија на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.
Искуствата од претходните постапки покажуваат дека РКЕ речиси никогаш не ги прифаќа барањата на компаниите во целост, туку одобри помало зголемување од побараното. Сепак, со оглед на новите барања и образложенијата за зголемените трошоци, можноста за нови ценовни корекции станува сè пореална.
Неизвесност има и за корисниците на централно греење во Скопје. Четири компании поднеле барања до РКЕ за промена на цената на топлинската енергија. Станува збор за ЕСМ Производство, ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и „Енерџи Еколонг“, компанијата позната како поранешна „Скопје Север“.
Како главна причина за бараното поскапување се наведува зголемената цена на природниот гас, кој е важен трошок во производството на топлинска енергија. Според пресметките на ЕСМ, цената на гасот во октомври е за околу 60 проценти повисока од параметрите врз основа на кои е утврдена актуелната цена на парното.
Доколку РКЕ ги прифати барањата, ова би било трето поскапување на парното во 2026 година. Првото зголемување беше во јануари, кога цената порасна за пет проценти. Потоа, со одлука донесена на крајот на јули, од 1 август следуваше ново поскапување од речиси шест проценти.
Колкаво би било евентуалното ново зголемување засега не е познато. РКЕ треба да ги разгледа доставените барања и да процени дали растот на трошоците е доволна причина за промена на цената и во кој обем таа би била оправдана.











