ТЕРА

REKLAMA???

Сите терсене, Битола однопаку

Општините во Македонија минатата година потрошија рекордни 356 милиони евра за локални тендери. За жал, Општина Битола одела во спротивна насока. Најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации открива дека Битола забележала пад на вредноста на набавките од дури два милиони евра, со што се најде на второто место во земјава според кратењето на тендерските пари.

Анализата на податоците на национално ниво открива големи контрасти меѓу големите урбани центри, оставајќи ја Битола како осамен остров на штедење. Додека Битола ја затвори годината со 9,4 милиони евра потрошени за јавни набавки, што е чист пад од два милиони евра во споредба со претходната година, останатите градови буквално се тркаа во трошење.

Најдобар доказ за овој спринт е Општина Тетово, која го презеде апсолутниот примат во државата со потрошени историски 22,5 милиони евра, остварувајќи вртоглав годишен скок од дури 20,5 милиони евра. Битола сериозно заостанува и зад Куманово и Гостивар, кои силно напредуваа на табелата реализирајќи набавки од 13,3 милиони, односно 11,5 милиони евра, благодарение на крупните финансиски инјекции кои донесоа годишен раст од над 7 милиони евра за секоја од нив. Дури и Општина Велес, која традиционално има помал буџет, успеа речиси да го удвои своето трошење со раст од 4,9 милиони евра, доближувајќи се на чекор пред Битола со вкупно 9,8 милиони евра потрошени за тендери. Во оваа мапа на големи плусови, единствено Струмица забележа поголем пад од Битола, кратејќи дури 6,1 милиони евра за јавни набавки.

Овие бројки јасно покажуваат дека Битола свесно или несвесно го пропушти бранот на капитални инвестиции во кој се наоѓаше целата држава. Податоците од извештајот се во директен судир со политичкиот наратив на челните луѓе на Општина Битола. Изминатиот период, тандемот Коњановски-Димитровски постојано ја форсира тезата дека Битола успешно зачекори во „нова развојна фаза“, алудирајќи на сериозни инвестиции и инфраструктурен бум. Сепак, официјалните податоци од пазарот на јавни набавки ја демантираат оваа розова слика. Како е возможно една општина да се развива со „забрзано темпо“, а истовремено да доживее кратење на капиталните тендери за цели два милиони евра во година во која државата инјектираше дополнителни средства од Унгарскиот кредит токму за локален развој? Извештајот покажува дека „новата развојна фаза“ во реалноста е фаза на штедење и забавување на локалните проекти.

Кратењето на два милиони евра од општинските јавни набавки не е само статистички податок. Тоа е директен удар врз битолската економија. Во град како Битола, каде што приватниот сектор е силно зависен од јавните инвестиции, општинскиот буџет се јавува како главен генератор на ликвидност. Кога општината ќе ги намали набавките, ефектот е верижен. Тоа е удар за локалните мали и средни претпријатија. Помалку пари пуштени во оптек од општината значи помалку работа за претприемачите, помал профит за локалните дуќани и добавувачи, и во крајна линија помал капацитет за отворање нови работни места или зголемување на платите во Битола.

Од друга страна, податокот дека битолската фирма „Стентон Градба“ е трета во државата со договори од 11,7 милиони евра, но остварени во дури 10 други општини, покажува дека битолскиот бизнис спас бара надвор. Наместо битолските пари да циркулираат дома, битолските градежници ја градат инфраструктурата надвор од Битола.

Битола во 2025 година пропушти златен бран на економска поддршка кој другите градови максимално го искористија за да ги придвижат своите локални бизниси. Општинските функционери ќе мора сериозно да се замислат како планираат да ја одржат ветената „нова развојна фаза“.