ТЕРА

REKLAMA???

Прилеп го одбележува Денот на ослободувањето

Со низа свечености, оддавање почит на паднатите борци и врачување на традиционалните општински награди, Прилеп денеска ја одбележува 82-годишнината од своето ослободување од фашистичкиот окупатор во Втората светска војна. Историјата го бележи 3 ноември 1944 година како денот кога единиците на Народноослободителната војска на Македонија, по неколкудневни жестоки и стратешки борби, дефинитивно го скршија отпорот на германските фашистички сили. Борбите за Прилеп беа тешки и крвави, со оглед на тоа што градот претставуваше важна сообраќајна и стратешка точка за повлекувањето на окупаторските трупи од Грција. Во темелите на слободата, градот вгради стотици животи на своите синови и ќерки, поради што во октомври 1953 година со указ беше одликуван со Орден на народен херој, статус што гордо го носи и денес како симбол на непокорот.

Градот-херој, кој остана запаметен како еден од клучните столбови на македонската антифашистичка борба, денеска ги слави и оние кои со својот труд оставаат траен белег во неговиот современ развој. Како централен дел од празничната програма, денеска беа доделени престижните награди 3 Ноември. Највисокото признание, Наградата за животно дело, Општина Прилеп годинава му ја доделува на Илија Димоски – Шаторо, првиот претседател на Општинското собрание во Прилеп во плуралистичкиот демократски период.

Со плакети се закитија четири еминентни колективи. Црковен хор „Св. Петка“, за активно учество во парохискиот богослужбен живот и духовната дејност на храмот;
Винарија „Сарика“ за одгледување винова лоза и производство на автентично вино афирмирано на винските фестивали; НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп по повод големиот јубилеј 65 години од постоењето на Меморијалниот музеј „11 Октомври“ и Компанија „Витаминка“ по повод значајниот јубилеј 70 години од нејзиното постоење.

На свечената седница на Советот на Општина Прилеп беа доделени и осум дипломи на поединци со национални и меѓународни резултати. Никола Здравески за освоените златен и сребрен медал на Светската олимпијада по географија; Кирил Петрески (постхумно) за долгогодишниот придонес како драматург и режисер во Театарот „Војдан Чернодрински“; Благица Чатлеска, наставничка по англиски јазик во ООУ „Гоце Делчев“, прогласена за најдобар просветен работник во Македонија; Димитар Димитриоски, ракометар и најдобар стрелец во Ракометната суперлига на Македонија; Стефче Стојковски, музички уметник и докажан чувар на македонскиот фолклор; Матеј Белистојаноски, светски и европски првак во карате во својата категорија; проф. д-р Антонио Јакимовски за високи достигнувања и придонес во областа на археологијата и Марјан Стојаноски, скулптор, за неговиот творечки придонес во областа на уметноста во градот.

За време на празничната програма во текот на денот беше положено свежо цвеќе на Могилата на непобедените, како и пред спомениците на Ченто и Питу, со што Прилеп уште еднаш ја потврдува својата силна врска со историското наследство и стремежот кон нови успеси.