Народната банка ги известува граѓаните коишто имаат платежни сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, а немаат платежни картички, дека од четврток, 5 ноември 2026 година, ќе започне подигањето средства од шалтерите во главната филијала на Банката во Битола.
За таа цел, ќе бидат отворени повеќе шалтери на адресата ул. „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21 во Битола. Исплатата ќе биде достапна за граѓаните, а особено за пензионерите и примателите на социјална помош, коишто овие средства ги добиваат преку платежни сметки во Банката, но немаат платежни картички.
Граѓаните ќе можат да подигнат до 20.000 денари, колку што е максималниот износ дозволен за повлекување во период од две недели.
Од 6 ноември, вклучително и сабота 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени, со цел да се опслужат што поголем број клиенти.
Исплатата ќе се врши во текот на повеќе денови според распоред, за кој граѓаните ќе бидат известени преку СМС-порака, со наведување на денот и часот кога треба да дојдат во филијалата. Ги замолуваме граѓаните да се придржуваат до добиените термини и да не доаѓаат во филијалата во деновите во кои не се повикани и пред времето за кое се повикани на конкретниот ден за да се избегнат гужви и подолго чекање.
За оние кои нема да бидат во можност да дојдат во определениот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини.
Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за подигање готовина и нема да се вршат други видови трансакции.
Се работи на подготовка за отворање на шалтерите за пензионерите и примателите на социјална помош и во други градови во земјата, за што Народната банка наскоро ќе извести.











