Падот на Aлта банка во Србија предизвика паника во Македонија. Иако надлежните уверуваат дека се работи за друг правен субјект со добра кредитна способност и капитал, граѓаните побрзаа да ги повлечат своите пари . Најголем проблем имаат пензионерите. Не само што неможат да ја подигнат целата пензија туку не можат ниту со пензиите да се префрлат во друга банка.
Вознемиреноста на граѓаните од затворањето на Алта Банка во Србија продолжува и денеска. Метежот пред експозитурите и банкоматите продолжува, на моменти со поголем, на моменти со помал интензитет. Но, сите ги делат истите чувства на револтираност од фактот што вратите на банката за нив остануваат затворени.
Рестриктивниот неделен лимит за повлекување готовина од 10.000 денари што го наметна Народната Банка на Македонија како дел од итно воведените заштитните мерки , предизвикаа нов бран незадоволство. Па, голем дел од граѓаните почнаа да отвораат сметки во други банки.
Оваа постапка за пензионерите е малку посложена и засега скоро невозможна.
Пензионерите мора да добијат документ, одјава, или исписница од банката кадешто земале пензија пред да се префрлат во друга банка.
За ова потврда добивме и од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија. На прашањето како може пензионерите сега да ја променат банката одговорија:
„Фондот на ПИОМ кога ги издава решенијата за стекнување на право на користење на пензија, на корисниците им издава потврда која служи лицето да се пријави кај избраниот носител на платен промет (банка) каде што Фондот ќе ја врши исплатата на пензијата по донесувањето на решението со кое се признава правото на пензија. Потоа банките секој месец доставуваат до Фондот список на пензионери кои примаат пензија кај нив и Фондот ја врши исплатата.
За промена на банката пензионерот треба да се одјави во банката каде што ја прима пензијата. Откако ќе се одјави, во банката во која сака да ја префрли сметката треба да достави нова потврда што ја издава Фондот.
Од ова е очигледно дека целата процедура се одвива индивидуално и одјавувањето од банката каде што пензионерот ја прима пензијата не зависи од Фондот.
2. Фондот на ПИОМ им издава потврди на пензионерите по нивно барање.“ Но, велат од ПИОМ „Како што објаснивме погоре, секој пензионер мора да се одјави лично до банката каде што ја прима пензијата и да однесе потврда во новата банка.“
Во услови кога Експозитурите и филијалите на Алта Банка се затворени за граѓаните, пензионерите не можат да го добијат посакуваниот документ.











