5 потврдени случаи има државава со болеста Морбили или Мали сипаници, но, фактот што соседите имаат прогласено епидемија и малиот процент вакцинирани деца во државава, ги алармира надлежните кои апелираат вакцинирањето да се реализира според вакциналниот календар. Во Битола засега нема регистриран случај.
Битола засега нема регистриран случај на мали сипаници, но нискиот опфат со вакцинација против морбили останува сериозен јавно-здравствен предизвик. Додека надлежните апелираат родителите да ги вакцинираат децата, официјалните статистики покажуваат дека во дел од подрачјата што ги покрива Центарот за јавно здравје Битола, опфатот со првата доза МРП-вакцина е под 70 проценти.
Тоа значи дека значителен дел од децата кои требало да ја примат вакцината останале неимунизирани.

МРП-вакцината штити од три заразни заболувања – мали сипаници, рубеола и заушки. Според календарот за имунизација, децата треба да примат две дози, а за колективна заштита од морбили се препорачува вакцинален опфат од најмалку 95 проценти.
Но, Македонија е далеку од оваа граница.
Извештајот на Институтот за јавно здравје за 2025 година покажува дека националниот опфат со првата доза МРП-вакцина изнесува 62,7 проценти, што е пад во однос на 72,7 проценти во 2024 година. Втората доза ја примиле 84,7 проценти од децата, наспроти 79,1 процент претходната година.

Во Битола, првата доза има опфат под 70 проценти, а втората под 90 проценти. Центарот за јавно здравје Битола, заедно со Институтот за јавно здравје, упатува апел до родителите да го проверат вакциналниот статус на децата и да ги надоместат пропуштените дози.
Малите сипаници се едно од најзаразните вирусни заболувања. Се пренесуваат преку воздухот, а можат да предизвикаат сериозни компликации, особено кај малите деца и лицата со ослабен имунитет.
Последната голема епидемија во земјава, во 2018 и 2019 година, резултираше со повеќе од 2.000 заболени и четири смртни случаи.
Оттука, отсуството на регистрирани случаи во Битола не значи дека нема ризик. Напротив, акумулирањето на невакцинирани деца создава услови за полесно ширење на инфекцијата доколку вирусот се појави во градот.











