Дополнителни трошоци за приклучување на атмосферска канализација за улици оставени во кал и без асфалт. Жителите на улиците 150,170 и 210 реагираат на начинот на кој се спроведува целиот проект и , бараат одговор врз која основа се изложени на нови трошоци и кога конечно ќе добијат уредени улици.
Жителите на улиците 150, 170 и 210 реагираат на изградбата на атмосферската канализација, истовремено и на состојбата во која се оставени улиците по завршувањето на активностите на комуналното претпријатие избрано за изведувач на работите.

Најпрвин, нивното приклучување кон новата атмосферска канализација. Им било кажано дека се работи за законска регулатива и дека тие се обврзани да направат приклучоци од своите дворови – приклучоци за одлив на вода којашто нема да се меша со фекалната канализација. Велат, најпрвин разговорите со претставници од Општина Битола биле во насока дека жителите немаат никаква финансиска обврска. Но, сега велат им се наметнуваат финансиски обврски кои според цените што им биле кажани , ги изложуваат на трошок меѓу 17.000 до 30.000 денари: приклучокот 6.000 денари и по 3.000 денари за секој метар од должината на приклучокот.
Од една страна обврзани се да го направат приклучокот, затоа што одбивањето подразбира ангажирање на комунален инспектор, од друга страна реагираат затоа што еднаш веќе ги платиле комуналните обврски и приклучоците кон канализацијата. Дополнителна нејаснотија им се и информациите дека за парцели без изградени објекти приклучокот нема да се плаќа, иако и таму се изведуваат приклучоци.
Па, од Општината побарале информации за критериумите за наплата.

Кога не добиле одговор, реагирале и со петиција што ја доставиле во декември 2025 до градоначалникот. Одговор не добиле, а градежните активности продолжиле.
Своето незадоволство и потребата за информации сега го споделуваат секој поединечно со своите познаници во институциите, наместо од местото што ги има сите информации: за проектот, за законот, за обврската за наплаќање.
Вториот проблем на кој реагираат е состојбата на улиците по интервенциите на јавните претпријатија. Еден дел од улицата 210 била асфалтирана. Но тоа сега не се гледа. По поставувањето на новата мрежа за атмосферска канализација делниците останале неасфалтирани, а дождовите „состојбата ја прават понеподнослива“, со земја и кал, штож, особено при врнежи како вчерашниот го отежннува комплетното движење, и на автомобилите и на пешаците. Тркалата на автомобилите им се со наслаги од земја, а калта ја внесуваат во своите домови сосе милениците.

Оттука, сите потписници на петицијата испратена до Општина Битола сега преку медиумите бараат од градоначалникот улиците итно да се посипат со чакал, и конкретен рок за асфалтирање. Својата реакција испратена до ТЕРА ја завршуваат со реченицата „ Не бараме ништо повеќе од основни услови за нормален живот, чист пристап до домовите и безбедно движење. Како жители и даночни обврзници заслужуваме да добиеме одговор кога ќе се реши проблемот и кој е одговорен за довршување на работите.Не сакаме повторно да останеме заборавени од надлежните институции.“











