ТЕРА

REKLAMA???

ЧЕТВОРИЦА ВРВНИ ВО СВОИТЕ ОБЛАСТИ ДОБИЈА 4 НОЕМВРИСКА НАГРАДА

СО СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ВО ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРА, БИТОЛА СИНОЌА ОДБЕЛЕЖА 82 ГОДИНИ ОД ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГРАДОТ. ВО РАМКИТЕ НА ПРАЗНИЧНАТА ПРОГРАМА БЕА ДОДЕЛЕНИ ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ НАГРАДИ „4 НОЕМВРИ“. ПРИЗНАНИЕТО ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО Ѝ ПРИПАДНА НА АКТЕРКАТА СОЊА МИХАЈЛОВА, ДОДЕКА ЗА ЕДНОГОДИШНИ ДОСТИГНУВАЊА БЕА НАГРАДЕНИ УНИВЕРЗИТЕТСКИОТ ПРОФЕСОР ГОРАН ИЛИЌ, ДОКТОРКАТА МАРГАРИТА КАМБОВСКА И СПОРТСКИОТ УЧИТЕЛ КИРЕ МАРКОВ.

Четворица битолчани, четири различни професионални приказни и заедничко признание за придонесот во развојот и афирмацијата на градот.

Највисокото општинско признание, наградата „4 Ноември“ за животно дело, ѝ беше врачена на актерката Соња Михајлова, за нејзиниот 42-годишен придонес во македонската драмска уметност. Повеќе од три децении беше дел од ансамблот на Народниот театар во Битола, каде што оствари околу 150 улоги во класичниот и современиот драмски репертоар.

Михајлова е препознатлива по своите театарски, филмски и телевизиски остварувања, а во образложението на предлогот за наградата се издвојуваат нејзината актерска техника, емоционалниот сензибилитет и придонесот во едукацијата на помладите генерации актери.

За животно дело, наградата се состои од плакета и паричен износ од 60.000 денари.

Признанија за едногодишни достигнувања добија уште тројца битолчани.

Д-р Горан Илиќ, редовен професор на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и проректор за наука, е награден за придонесот во научноистражувачката работа и меѓународната афирмација на Битола.

Д-р Маргарита Камбовска, специјалист по педијатрија и субспецијалист по неонатологија, доби признание за долгогодишната посветена работа и унапредувањето на здравствената грижа за новороденчињата и децата.

Кире Марков, спортски учител по пливање и скијање, е награден за шестдеценискиот придонес во спортот и работата со младите генерации.

Наградите за едногодишни достигнувања се состојат од диплома и паричен износ од по 15.000 денари.

Во своето обраќање на свечената академија, градоначалникот Тони Коњановски потсети на историското значење на 4 Ноември 1944 година, нагласувајќи дека слободата стекната пред 82 години претставува обврска за зачувување на вредностите на мирот, правдата и напредокот.

Добитниците на наградите ги соопшти претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски.

Со доделувањето на четвртоноемвриските признанија, градот им оддаде почит на поединци кои со својата работа оставиле белег во културата, науката, здравството и спортот.