ТЕРА

REKLAMA???

„СЕСТРА, БРАТ И ШАХТА“ НА МАНЧЕВСКИ ПОБЕДИ ВО ТОКИО

„Сестра, брат и шахта“, најновиот филм на Милчо Манчевски победи на Филмскиот фестивал во Токио, фестивал од А-категорија. Филмот ја освои главната награда на фестивалот, „Токио Гран при“ (Tokyo Grand Prix).

Ова е првпат македонски филм да победи на фестивал од А-категорија после „Пред дождот“ на Манчевски во Венеција во 1994.

На свеченото затворање на фестивалот наградата ја подигнаа главните актери во филмот Сара Климоска, Филип Трајковиќ и продуцентот Јане Ќортошев.

„Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат – во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – отфрла секаква жанровска класификација, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.

Главните улоги ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Кастинг директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.

Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје.