ТЕРА

REKLAMA???

Над 630 милиони денари е долгот на битолските институции и јавни претпријатија

Над 630 милиони денари изнесува вкупниот долг на битолските институции, установи и јавни претпријатија заклучно со септември годинава. Податоците од извештајот за пријавени обврски од Министерството за финансии, покажуваат дека најголемиот дел од финансиските обврски се концентрирани пред сè кај Клиничката болница, Општина Битола и ЈКП Водовод.

Клиничката болница Битола е рекордер по висината на вкупниот долг. Обврските на установата надминуваат 209 милиони денари. Веднаш зад неа е Општина Битола со повеќе од 168 милиони денари, додека ЈКП Водовод пријавил обврски од речиси 112 милиони денари. Овие три субјекти заедно имаат обврски од речиси половина милијарда денари, што претставува најголем дел од вкупниот износ евидентиран кај опфатените битолски субјекти.

Значителни обврски има и ЕСМ Молика, со речиси 35 милиони денари, како и ЈКП Нискоградба, чии обврски надминуваат 15 милиони денари. Над девет милиони денари обврски имаат четирите училишта ОУ Коле Канински, ОУ Даме Груев, СОУ Таки Даскало и ООУ Климент Охридски, а во групата субјекти со позначителни обврски се и ЈП Стрежево, Затворот Битола и ФК Пелистер.

Во долгови се дават и институциите од културата. Кај Народниот театар, пријавените обврски на крајот од септември надминуваат 2,3 милиони денари. Слична е состојбата и во Универзитетската библиотека Св. Климент Охридски, чии обврски во септември надминуваат еден милион денари. Кај Заводот и музеј, пак, обврските се намалени во однос на јуни и изнесуваат нешто над 900 илјади денари. Намалување во споредба со јуни има и кај Центарот за култура, чии пријавени обврски во септември се околу 1,26 милиони денари.

Споредбата на долговите по квартали открива дека најголемо зголемување во периодот од март до септември има кај Клиничката болница, каде обврските пораснале за повеќе од 61 милион денари. Значителен раст бележат и ЈКП Нискоградба и ЈКП Водовод. Од друга страна, најголемо намалување има кај ЕСМ Молика, чии обврски се намалиле за повеќе од 25 милиони денари, како и кај Општина Битола и ЈП Стрежево.

Ако се набљудува само периодот од јуни до септември, најголем раст на обврските има кај Општина Битола, додека најголемо намалување е евидентирано кај ЈП Стрежево.

Долгот на битолските установи, институции и претпријатија од над 637 милиони денари не претставуваат исклучиво обврски што треба да се платат во текот на оваа година. Тоа е збир од доспеаните и недоспеаните обврски, односно ги опфаќа обврските во тековната година, но и оние што се предвидени за реализација во наредните две години.

Сепак, податоците од кварталните извештаи се важен показател за финансиската состојба на овие субјекти. Нивното редовно следење, навременото подмирување на обврските и одговорното планирање се од особено значење, бидејќи од финансиската стабилност на институциите и јавните претпријатија зависи и нивната способност непречено да ги извршуваат услугите и обврските кон граѓаните.