ТЕРА

REKLAMA???

Битола ќе стане „Безбеден град“ во февруари 2027 година?!

Битола би требало да биде приклучена на системот „Безбеден град“ во февруари следната година, доколку активностите на Министерството за внатрешни работи се одвиваат според најавената динамика. Пред приклучувањето на Битола, системот треба да биде проширен во Струмица и Штип, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Според планот, системот во Струмица треба официјално да започне да се применува во првата недела од декември годинава. Потоа активностите ќе продолжат во подрачјето на СВР Штип, каде што се очекува да завршат до крајот на декември. Дури по овие две фази ќе следува поврзувањето на Битола со централниот систем, за што, според Тошковски, ќе бидат потребни дополнителни еден до месец и половина. Тоа значи дека, доколку нема одложувања, битолчани би можеле да бидат опфатени со електронскиот сообраќаен надзор во февруари 2027 година.

Покрај проширувањето на постојниот систем, МВР планира и дополнителни мерки за контрола на сообраќајот. Една од нив е опремување на полициските возила со камери кои ќе можат да ја мерат брзината и да регистрираат прекршоци додека полициските автомобили се во движење. Предвидена е и набавка на мобилни камери кои ќе се поставуваат на критичните сообраќајни точки, односно делниците на кои најчесто се случуваат сообраќајни несреќи со загинати и тешко повредени лица.Тошковски објасни дека досегашните анализи покажале оти контролата само на однапред определени локации не е доволна за да се постигне посакуваниот превентивен ефект. Целта е возачите да бидат свесни дека прекршок може да биде регистриран на која било локација, а не само на местата каде што се поставени фиксни камери.

Потребата од вакви мерки ја потврдуваат и податоците од досегашното функционирање на „Безбеден град“. Според последниот јавно објавен збирен биланс на МВР, во периодот од 2 февруари до 20 август 2026 година системот регистрирал вкупно 310.865 сообраќајни прекршоци. Од нив, дури 301.835 се однесувале на возење со брзина поголема од дозволената. Во истиот период биле евидентирани 180.378 прекршоци направени со возила со странски регистарски таблички.

Системот „Безбеден град“ започна со пробна работа на 1 декември 2025 година. Во таа фаза камерите ги регистрираа прекршоците, а сопствениците на возилата добиваа известувања. Официјалното санкционирање започна на 1 февруари 2026 година.

Во првата фаза системот беше активиран во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10. Потоа беше проширен на подрачјето на СВР Велес, кое ги опфаќа Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија. Од 12 октомври системот функционира и на подрачјето на СВР Охрид, односно во Охрид, Струга, Кичево и Дебар.

Со приклучувањето на Битола во февруари следната година, доколку се испочитува најавената динамика, системот ќе продолжи да го проширува опфатот и во овој дел од државата.