Анета Стефановска, поранешната пратеничка, е нова претседателка на Здружението на пензионери во Битола. Антонијо Димитровски ќе биде претседател на Надзорниот одбор, а поранешниот градоначалник и советник, Златко Милошевски е нов Претседател на Собранието на Здружението на пензионери. Ова е новото “свето тројство” на Здружението во кое членуваат 18.000 битолски пензионери. Дали битолските пензионери има на што да се надеваат со оглед на историјата што ја имаат тројцата?
Контроверзната кариера на Анета Стефановска се чини дека ја има обележано онаа легендарна изјава додека беше пратеничка во Собранието на Република Македонија “Мајко, сопруго, бабо…”. Таа беше осудена во случајот „Титаник 2“ за сериозни изборни малверзации, а затворската казна ја избегна во последен момент, благодарение на маратонските судски процеси кои завршија со апсолутна застареност на делото во 2023 година. Но, нејзините апетити изгледа не завршуваат само со нејзиниот личен ангажман. Дали семејната потрага по моќ се рефлектира и преку нејзината ќерка, Емилија Стефановска-Давкова, која по професија е правник, но тоа не ја спречи да стане директор во Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ Битола, каде пак работеше до пензија Анета Стефановска? Во развиените демократии овие шеми “правник води библиотека, а мајката води пензионери” се изучуваат како класичен пример за тоа како личните и семејните амбиции ги пречекоруваат сите професионални граници. Но, ова е Македонија.
Зад ликот на новиот претседател на Собранието на Здружението на пензионери стои човек кој повеќе од три децении е длабоко инволвиран во структурите на локалната моќ и бизнисот. Милошевски беше првиот градоначалник на Битола по осамостојувањето во периодот 1991–1994 година и поранешен висок локален функционер. Но, очигледно и кај него стареењето е обратнопропорционално со апетитите. Тој и во моментов е активен во Регионалната стопанска комора, поседува сопствена бензинска станица во Новаци, а паралелно со трката во пензионерското здружение, конкурираше и за член на Управниот одбор на ЈКП „Водовод“. Во минатото негова фирма беше сомничена за даночно затајување, но тоа не го спречи да остане до ден-денес присутен насекаде.
На претходните двајца, единствено би можел да им парира адвокатот во пензија, Антонијо Димитровски. Нему му е доверена улогата претседател на Надзорниот одбор на Здружението на пензионери. Тое е можеби најчувствителната улога бидејќи, меѓудругото, ќе треба да ги контролира парите од членарината на битолските пензионери. Димитровски во своето минато има тешка, компромитирачка сенка. Како што покажуваат старите хроники од 2009 година, Димитровски тогаш беше спектакуларно уапсен и притворен под обвинение за обид за давање поткуп на полициски инспектор за да „спаси“ менаџер на компанијата „Транскоп“ од кривичен прогон. Денес, неговото влијание во градот се шири преку повеќе канали. Тој раководи со КУД Илинден, а неговиот син, Борче Димитровски, ја извршува моќната функција секретар на Општина Битола. Неговите синови се основачи на здруженија и клубови кои често се доведуваат во директна корелација со буџетот на Општина Битола. Оваа директна линија на семејно влијание меѓу локалната власт и Надзорниот одбор на здружението отвора сериозен сомнеж дека пензионерската каса може да биде контролирана низ филтри на приватни интереси.
По заминувањето на досегашната претседателка Даница Петличкова, Здружението на пензионери Битола “паѓа” во рацете на новото неформално „свето тројство“ на локалната моќ, триумвиратот „АЗАН“ (Анета, Златко, Антонијо). Дали оваа моќна коалиција наместо со социјална и хуманитарна заштита на најранливите, во следниот период повеќе ќе се занимава со приватните, бизнис и семејните апетити на три фигури кои со децении не знаат за доста во јавниот живот на Битола?











