Битола ја тресе една од најголемите финансиски кризи во поновата историја, а првите луѓе на градот се на патување во Израел. Лицето избрано да ја води општината до 2029 година и секретарот Борче од 8 до 12 ноември 2026 година се таму во официјална посета.
Во моменти кога градот тоне во локални проблеми, а битолската јавност е крената на нозе поради зовриената атмосфера со Алта банка, култната народна поговорка „Село гори, баба се чешла“ добива свој автентичен пример во пракса. Иронијата да биде поголема, додека тандемот во Израел дебатира на конференција со наслов „Оспособување на градовите на иднината“, битолчани секојдневно се справуваат со улични дупки, ѓубре, дефекти и инфраструктурниот хаос од сегашноста.
Додека граѓаните се малтретираат во Алта банка за да земат ограничен износ од своите тешко спечалени средства и чекаат 20.000 денари за цел месец, лицето избрано да ја води општината до 2029 година, заедно со својот секретар, троши 40.000 денари за само три-четири дена во странство. Кога на тоа ќе се додаде и фактот дека вкупниот долг на битолската локална самоуправа изнесува над 3 милиони евра, луксузот на меѓународни патувања во најмала рака изгледа неодговорно.
Општината го оправдува патувањето со тоа што истото е реализирано на покана на Американско-израелскиот конгрес, Министерството за надворешни работи на Израел и Американскиот совет на Евреите во светот. Целта е нивно учество на 35-тата Меѓународна конференција на градоначалници. Од локалната самоуправа се фалат со фокусот на новите технолошки достигнувања, вештачката интелигенција, како и со остварената средба со претседателот на Израел, Исак Херцог, на која се разговарало за лидерство и дијалог.
Суровата реалност во Битола, пак, говори дека владеачката партија мака мачи да ги менаџира состојбите со Алта банка, а општинскиот менаџерски тандем најде за сходно да ја напушти државата. За нив веројатно ниту доаѓањето на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Битола не беше доволен аларм за да останат во своите канцеларии. Додека претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ држи прес-конференции за некако да ја амортизира и смири зовриената состојба во градот, овие двајца едноставно ги спакувале куферите и заминале за Ерусалим.
Кога се веќе таму, да се надеваме дека ќе појдат и до “Ѕидот на плачот”, да остават порака со молитва за спас на Битола. Oбичниот битолчанец нема време и пари за молитви по светот, туку бара итни одговори и одговорност дома.











