На 14 ноември, кога Народниот театар Битола одбележува 82 години од своето постоење, започнува и 12. издание на Битола Шекспир фестивалот. Во деветте фестивалски денови, до 22 ноември, публиката ќе има можност да проследи шест претстави од Mакедонија и од странство.

Фестивалот ќе го отвори „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел. Претставата на битолскиот ансамбл веќе гостуваше на неколку меѓународни фестивали, а сега за првпат ќе биде изведена пред публиката на матичната сцена.
„Претставата го имаше својот европски живот. Македонската премиера беше на Охридско лето, светската премиера на Шекспир фестивалот во Верона, Италија. Настапивме и во прекрасниот антички амфитеатар во Бутринт, во Албанија, на фестивалот „Магични ноќи во Бутринт“, а последно, пред околу еден месец, настапивме на фестивалот во Бјалисток, Полска.“ – вели директорот на Театарот Васко Мавровски.
По гостувањата во странство, „Кориолан“ конечно ќе ја види и битолската публика. Станува збор за прво поставување на ова Шекспирово дело во Македонија, а актерите ќе го изведат на македонски јазик.
„Претставата секаде беше одлично примена и се надевам дека, по подолг временски период од премиерата во јули, конечно ќе има можност и битолската публика да го види ова дело на Шекспир.“

Покрај домашната продукција, фестивалската програма вклучува уште пет претстави од Италија, Грузија, Ерменија, Романија и Малта.
„Имаме одлична програма и, на задоволство на публиката, една прекрасна цела недела, од 14 до 22 ноември, дружење со Шекспир, промоција на нашата македонска култура и македонскиот театар, но истовремено и презентација на она што се случува надвор од Македонија, а е поврзано со Шекспир.“- вели Мавровски.
Во придружната програма се најавени и проекција на филм на Џон Блондел за прекинот на Шекспировите фестивали во светот за време на пандемијата, како и работилница за деца посветена на Шекспир, која ќе ја води Билјана Крчевска.
За битолскиот театар, ова е уште една година во која роденденот се одбележува со нова продукција и меѓународна фестивалска програма. Институцијата е основана на 14 ноември 1944 година, кога била изведена првата претстава на македонски јазик во Битола. По 82 години, театарот продолжува да создава домашна продукција и да ја поврзува битолската сцена со театарски ансамбли од странство.











