Kога имало избори за претседател на здружението на пензионери во битола? Kои биле кандидати?Kога се гласало? Vо каква состојба е здружението што го презема новото раководствo? Oва се дел од прашањата што се отвораат по веста дека Здружението има ново раководно тело.

Битолската јавност, а особено голем дел од 18-те илјади членови на ова здружение, сметаат дека процесот бил целосно нетранспарентен. Пензионери преку реакции и коментари сведочат дека воопшто не биле информирани оти се одржуваат избори, ниту пак знаеле кога и како се бира новото раководство. Поради серијата нејаснотии и вчерашниот медиумски молк при примопредавањето на функцијата, нашата редакција денеска официјално испрати пет конкретни новинарски прашања до Здружението на пензионери во Битола. На кој датум се одржал изборот за нов претседател? Кога е поднесена пријавата за промена во Централниот регистар? Колку вкупно кандидати се пријавиле на изборот? Со колкав кворум и колку гласови „за“ од делегатите на Собранието била избрана Анета Стефановска? Зошто голем дел од самите пензионери, членови на здружението, тврдат дека воопшто не биле претходно известени дека се одржува изборна постапка?

Паралелно со новинарските прашања, до Здружението на пензионери Битола доставивме и формално Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во согласност со законските одредби и јавниот интерес, од здружението побаравме да ни бидат доставени фотокопии од одлуката или јавниот оглас за распишување на изборите со доказ како било информирано членството, листата на сите пријавени кандидати, записникот од изборната седница на Собранието со резултатите од гласањето, списокот на присутни делегати со своерачни потписи како доказ за постоење на законски кворум, како и одлуките врз основа на кои е извршен уписот во Централниот регистар. Законскиот рок за одговор на ова барање е најмногу 20 дена.
Додека ги чекаме одговорите, го проверивме профилот на Здружението на пензионери Битола на деловната платформа CompanyWall. Таму покрај новоизбраната претседателка Анета Стефановска, сè уште фигурира и името на досегашната претседателка, Даница Петличкова на истата функција.
Уште поинтересен податок е финансиската состојба на Здружението. Според завршната сметка за 2025 година, Здружението на пензионери Битола остварило вкупни приходи од 8.790.000 денари и вкупни расходи од 7.524.000 денари, завршувајќи ја годината со нето добивка од 1.266.000 денари. Истовремено, организацијата има огромни побарувања од клиенти во висина од дури 40.498.000 денари, сметката не е блокирана и здружението не е даночен должник.











