Битола е меѓу најдобро оценетите општини во државата според повеќе истражувања за транспарентноста. Но, колку овие оценки се совпаѓаат со она што граѓаните навистина можат да го најдат на општинската веб-страница?Проверивме колку се достапни буџетот, ребалансите и извештаите за трошењето на јавните пари. Р
езултатот покажува дека високата оценка не значи и лесен пристап до секоја информација.
Во 2024 година, Битола беше меѓу петте општини со максимални 100 проценти активна транспарентност, според Индексот на Центарот за граѓански комуникации. Но, во следното мерење, во 2025 година, резултатот паднал на 92,9 проценти, односно 21. место во вкупното рангирање на 102 институции.
Според Индексот на отвореност на Фондацијата „Метаморфозис“, Битола во 2024 година била најотворена општина во државата, со 67 проценти. И „Транспаренси Интернешнл – Македонија“, во своето пилот-истражување за 2025 година, ја оценува Битола највисоко меѓу осумте анализирани општини, со 67 бодови.
А според Центарот за економски анализи, Битола има 15 од можни 16 поени за буџетска транспарентност во периодот 2024/2025. Во делот на даночната транспарентност е оценета со 79 проценти.
Но, што покажува проверката на конкретните податоци?

На општинската веб-страница се достапни детални документи за буџетот за 2026 година, како и информација за првиот ребаланс, со кој буџетската рамка е зголемена за 47 милиони 674 илјади денари. По измената, основниот буџет изнесува речиси 1,7 милијарди денари, а вкупниот буџет со сите сметки надминува 3,2 милијарди денари.
Но, не е објавен целосен и лесно достапен пакет со деталните табели на ребалансот.
Уште поголем проблем е следењето на трошењето. Во делот за квартални извештаи за 2026 година е објавен само извештајот за првиот квартал, иако извештајот за вториот квартал бил разгледуван на седница на Советот во септември.
Првичните податоци покажуваат дека во првите три месеци од годината, од планираните 977 милиони денари за капитални расходи, биле реализирани околу 119 милиони, или 12,2 проценти.
На септемвриската седница советници изнесоа и податоци за реализацијата во вториот квартал, капиталните инвестиции и доспеаните ненамирени обврски. Но, без објавен оригинален извештај, овие бројки не можат независно да се проверат.











