ТЕРА

REKLAMA???

Kосовски јаглен за РЕК Битола

РЕК Битола ќе биде главниот корисник на јагленот што Mакедонија планира да ги обезбедува одKкосово. АД ЕСМ објави тендер за избор на приватна компанија која ќе ги преземе ископот, обработката, анализата и транспортот на јагленот од рудникот обилиќ до македонските термоелектрани. Oперацијата е дел од договорената соработка меѓу ЕСМ и косовската енергетска компанија КЕК, со која треба да се обезбедат дополнителни суровини за домашното производство на електрична енергија.

Планот предвидува годишно да се испорачуваат околу еден милион тони јаглен, односно просечно по 2.500 тони дневно, со можност за отстапување од 30 проценти во двете насоки. Избраниот приватен оператор ќе биде ангажиран во период од 36 месеци, колку што е предвидено да трае договорниот аранжман.

Најголемиот дел од косовскиот јаглен ќе завршува во РЕК Битола. Според тендерската документација, 70 проценти од планираните количества се наменети за битолскиот енергетски комбинат, додека останатите 30 проценти за РЕК Осломеј. Сепак, распределбата не е непроменлива, бидејќи ЕСМ го задржува правото да ја приспособува во зависност од потребите на производните капацитети, како и да ги менува месечните количини.

ЕСМ ќе го купува јагленот директно од косовскиот КЕК, додека приватната компанија ќе ги извршува рударските, техничките и транспортните активности. Тоа значи дека трошоците за ангажманот на операторот ќе бидат дополнителен расход, надвор од цената на самиот јаглен.

Тендерот предвидува ангажирање компанија со значителен финансиски, кадровски и технички капацитет. Меѓу финансиските услови е минимален годишен приход од 750 милиони денари во секоја од последните три години, односно во 2023, 2024 и 2025 година. Од избраниот понудувач ќе се бара и банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот во висина од пет проценти.

За реализација на работата ќе бидат потребни најмалку 56 работници со различни стручни квалификации и работни задолженија. Предвиден е ангажман на рударски и геолошки инженер, двајца оперативни техничари, 30 возачи на камиони во рудникот, шест ракувачи на хидраулични багери, четири ракувачи на утоварни лопати, двајца булдожеристи, двајца ракувачи на грејдер, двајца возачи на цистерни за вода и шест ракувачи на дробилка.

Дополнително, операторот ќе треба да располага со соодветна механизација. Меѓу потребната опрема се најмалку 15 камиони со носивост од 25 тони, три хидраулични багери со моќност од најмалку 280 киловати, две утоварни лопати, булдожер, грејдер, цистерна за вода, три дробилки со капацитет од најмалку 100 тони на час и два гасенични утоварачи.

Транспортот до РЕК Битола и РЕК Осломеј може да се организира на два начина: директно со камиони кипери до депониите на термоелектраните или комбинирано, со користење железнички транспорт и камиони, со претовар на соодветни локации.

Посебно внимание е посветено и на контролата на квалитетот на суровината. Компанијата што ќе го добие тендерот мора да има сопствена акредитирана лабораторија или обезбеден пристап до таква лабораторија. Ќе се вршат испитувања на влагата, пепелта, содржината на сулфур, топлотната моќност и гранулометрискиот состав на јагленот.

Договорот меѓу ЕСМ и косовската компанија КЕК е потпишан на 14 август 2026 година, а со него цената на јагленот е утврдена на 24,4 евра за тон без ДДВ. Договорот е предвиден за период од три години, со вкупно планирани три милиони тони јаглен, чија вредност може да достигне 73,2 милиони евра. Но, оваа сума не ги опфаќа сите трошоци за обезбедување на косовскиот јаглен. На неа ќе треба да се додадат и услугите на приватниот оператор, кој ќе ги врши ископот на јаловина и јаглен, обработката, лабораториските анализи и транспортот до термоелектраните. Конечниот финансиски ефект ќе биде познат откако ќе заврши тендерската постапка и ќе биде избрана компанијата што ќе ги извршува овие активности.

Заинтересираните компании имаат рок да ги достават своите понуди до 1 декември 2026 година, кога е предвидено нивното отворање и започнување на постапката за евалуација.

Покрај набавката на косовскиот јаглен, Владата најавува и инфраструктурни решенија со кои треба да се забрза неговиот транспорт кон македонските термоелектрани.

Премиерот Христијан Мицкоски најави оспособување на дополнителен граничен премин кон Косово, покрај постојниот премин Блаце. Станува збор за премин што во минатото го користел КФОР, а кој сега, според најавата, треба да биде адаптиран во соработка со Армијата и Царинската управа.