ТЕРА

REKLAMA???

Две години затвор за поранешниот директор на РЕК Битола, Пеце Матевски

Поранешниот директор на РЕК Битола, Пеце Матевски, е осуден на две години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со тендерот за ископ на јаловина, кој во 2022 година го доби битолската компанија РУДКОП. Пресудата ја донесе Основниот суд Битола, со кој претседаваше судијата Горан Димовски.

Покрај Матевски, на условни затворски казни се осудени и Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски и Тони Ангелевски, како членови на стручната комисија. На тројцата им е утврдена казна затвор од една година, која нема да се изврши доколку во рок од две години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.

Со ослободителна пресуда поминаа Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски, членови на Комисијата за јавни набавки во РЕК Битола. Судот оценил дека обвинителството не докажало дека тие го сториле кривичното дело што им се ставаше на товар.

Условни казни добија и Александра Маџевска-Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска, вработени во Бирото за јавни набавки во Скопје. На секоја од нив ѝ е утврдена казна затвор од осум месеци, која нема да се изврши доколку во период од една и пол година од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.

Според образложението на пресудата, Матевски, Петковски, Ѓорѓиевски и Ангелевски, како соизвршители, му овозможиле корист на економскиот оператор Рудкоп, преку отфрлање на понудата на Гранит и негово елиминирање од електронската аукција. Со тоа, според судот, на АД ЕСМ му била предизвикана штета од 178.370.319 денари. Судот одлучи оштетеното правно лице АД ЕСМ имотно-правното побарување да го остварува во граѓанска постапка.

Во однос на паричните средства на Рудкоп, во износ од околу 3,5 милиони евра, кои претходно беа замрзнати, судот одлучи привремената мерка да остане во сила до правосилното завршување на кривичната постапка, освен ако не настанат околности што би наложиле нејзина промена.

Обвинението пред битолскиот Основен суд го застапуваше обвинителката Оливера Нечаковска од Основното јавно обвинителство Битола.