ТЕРА

REKLAMA???

Опасна онлајн мрежа таргетира деца и малолетници

Сè почесто, опасностите за децата не доаѓаат само од нивното непосредно опкружување, туку и од луѓе со кои комуницираат преку интернет. На една таква појава предупредува Министерството за внатрешни работи, кое упати апел до родителите, старателите и наставниците да бидат особено внимателни во однос на активностите на насилната онлајн заедница позната како „764“.

Станува збор за мрежа чии членови таргетираат деца, малолетници и други ранливи лица. Нивната цел е преку манипулации и психолошки притисок да воспостават контрола врз жртвите и да ги наведат на опасни постапки, вклучително и самоповредување, насилство и дејствија со потенцијално фатални последици.

Според предупредувањето на МВР, контактите најчесто се воспоставуваат преку социјалните мрежи, апликациите за комуникација и платформите за онлајн игри, меѓу кои Discord, Telegram, Roblox, Instagram, TikTok, Snapchat, Reddit, X, Minecraft и Fortnite.

Членовите на овие групи најпрво се обидуваат да ја стекнат довербата на децата, претставувајќи се како нивни врсници или како лица заинтересирани за пријателство и емотивна врска. Откако ќе воспостават близок контакт, започнуваат со притисоци, закани и уцени.

Од децата може да се бара да испраќаат интимни фотографии и видеоснимки, да се повредуваат себеси или да вршат насилство врз други лица и животни. Добиените материјали потоа се користат како средство за дополнително заплашување и уценување, со што жртвите се доведуваат во состојба на страв и зависност од лицата кои ги контролираат.

За сериозноста на ваквите активности предупредуваат и меѓународните безбедносни институции. Американското Федерално истражно биро (ФБИ) ја поврзува групата „764“ со поширока мрежа на насилни екстремистички онлајн заедници.

МВР ги повикува родителите да обрнат внимание на евентуални промени кај своите деца. Меѓу знаците на кои треба да се реагира се ненадејното повлекување во себе, стравот, вознемиреноста и раздразливоста, како и необичната таинственост при користењето на мобилниот телефон или компјутерот.

Дополнително внимание е потребно доколку детето добива заканувачки пораки, комуницира со непознати лица, покажува страв од откривање на својата онлајн комуникација или има необјаснети повреди. Загрижувачки можат да бидат и изјавите поврзани со безнадежност, смрт или самоубиство.

Од МВР посочуваат дека ваквите промени сами по себе не се доказ дека детето е изложено на злоупотреба, но претставуваат причина за внимателен разговор и навремена реакција.

Доколку се соочат со уцени, закани или манипулации, треба веднаш да побараат помош од родител, старател, наставник или надлежна институција. Од МВР нагласуваат дека децата не треба да се обвинуваат себеси или да се плашат да зборуваат за она што им се случува.

Навременото препознавање на опасноста, довербата меѓу родителите и децата и пријавувањето на сомнителните активности се клучни за спречување на онлајн злоупотребата.