Речиси 40 милиони денари чисти пари и три нови деловни простории има на располагање Здружението на пензионери во Битола. Оваа сума отвора прашања кај 18-те илјади членови за тоа што конкретно можат да добијат тие од сопствените пари собрани од членарина и колкава реална помош ќе им обезбеди новото раководство уште оваа зима?
Овие пари во касата на Здружението не се паднати од небо, ниту се нечија приватна заштеда. Тие пари се собрани денар по денар, месец по месец, директно од пензиите на битолските пензионери преку нивните редовни одбитоци. Сега, кога на јавноста ѝ стана јасно дека здружението „лежи“ на вистинско мало богатство, парите не би требало да стојат само како бројка на хартија. Повозрасните граѓани, кои секојдневно се борат со скапите сметки, лекови и трошоци за живот, имаат право да знаат каква директна корист ќе видат од овој капитал во мандатот на новиот раководен тим предводен од Анета Стефановска и Антонијо Димитровски.
Наместо здружението да биде само посредник при купувањето дрва на рати, со речиси 40 милиони денари чисти пари на сметка, новото раководство може директно да субвенционира дел од цената на огревното дрво или прехранбените пакети, со што директно ќе им го олесни товарот на пензионерите во екот на грејната сезона.
Понатаму, во предвид би можело да се земе и доделување на еднократна финансиска помош за најранливите. Голем дел од битолските пензионери преживуваат со минимални пензии. Дел од милионскиот вишок во касата и од каматите што ги носат орочените 38,2 милиони денари во банките, може веднаш да се пренамени за директна, неповратна парична помош за социјално најзагрозените пензионери и оние со највисоки трошоци за лекување.
Стабилниот финансиски биланс отвора реален простор и за зголемување на надоместоците од солидарниот фонд или воведување нови пакети за здравствена и бањско-климатска рекреација за поголем број членови, наместо парите да се трупаат на банкарски сметки.
Новото раководство на Здружението на пензионери на чело со Анета и Антонијо, мора да го прекине еднонеделниот молк и јавно да потврди дали го потпишало записникот за примопредавање од 11 ноември. Потоа, редно е да ги соопшти плановите за тоа што ќе им понуди на членовите. Кога во касата има 650.000 евра чисти пари, нема оправдување тие да не завршат таму каде што припаѓаат, а тоа е кај самите пензионери.











