ТЕРА

REKLAMA???

Комерцијална банка сака да ја купи Алта банка Битола

Комерцијална банка АД Скопје донесе одлука да учествува на јавната берзанска аукција за преземање на доминантниот пакет акции во Алта банка АД Битола. Одлуката е донесена на седница на Надзорниот одбор на 19 ноември, а информацијата е објавена преку Македонската берза.

Со ова, една од најголемите македонски банки официјално се вклучува во постапката за преземање на битолската банка, чија сопственичка структура се најде во сериозна неизвесност по проблемите на нејзиниот матичен сопственик во Србија.
Продажбата опфаќа 372.742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот број акции на Алта банка Битола. Пакетот е во сопственост на Алта банка АД Белград, која се наоѓа во стечај.

Постапката ќе се реализира преку Македонската берза, според принципот „сè или ништо“, што значи дека заинтересираниот купувач мора да го преземе целиот понуден пакет.

Првата аукција е закажана за 30 ноември, со почетна цена од 3.777 денари за акција. Вкупната почетна вредност на понудениот пакет изнесува приближно 1,41 милијарда денари, односно околу 23 милиони евра.

Доколку продажбата не се реализира на првиот обид, предвидени се дополнителни аукции на 1, 2, 3, 4 и 7 декември. На секоја следна аукција почетната цена ќе биде намалена за 10 проценти во однос на претходната.

Проблемите со сопственоста на битолската банка започнаа откако Народната банка на Србија на 30 октомври ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка АД Белград, која беше нејзин доминантен акционер. Неколку дена подоцна, на 3 ноември, во Србија беше отворена стечајна постапка над банката.

Како последица на случувањата во Србија, Народната банка на Северна Македонија на 1 ноември воведе администрација во Алта банка Битола. Администрацијата е воведена за период од три месеци, а именуваните администратори ги презедоа надлежностите на Надзорниот и Управниот одбор, како и на Собранието на акционери, со исклучок на одлучувањето за зголемување на капиталот на банката.

Пред битолската банка сега претстои важен период во кој ќе треба да се разреши сопственичката неизвесност и да се обезбеди стабилност во работењето. Аукцијата на 30 ноември треба да го даде првиот одговор на прашањето дали и кој ќе го преземе мнозинскиот пакет акции и каква ќе биде иднината на банкарската институција со седиште во Битола.