Битола, градот во кој пред 118 години се поставија темелите на единствената албанска азбука, повторно беше место на одбележување на еден од најзначајните датуми во албанската културна историја.
Во Музејот Албанската азбука, албанскиот премиер Еди Рама, заедно со претставници на институциите од Македонија, ја истакна историската важност на Битолскиот конгрес и неговото влијание врз јазичното и националното обединување.
Битолскиот конгрес се одржал од 14 до 22 ноеври 1908 година. Се собрале тогашните албански интелектуалци, писатели, учители и национални дејци. Дотогаш албанскиот јазик имал различни системи на знаци односно букви, и латинични, и грчки, и арапски, и нивни комбинации, што претставувало проблем од весникарството , преку издаваштвото, до образованието. На конгресот во Битола се распрвало за користење на латиничното писмо и азбука со 36 букви. Целосното стандардизирање било довршено во 1972 година, но, во Битола се отворил патот кон азбуката којашто денес ја користат Албанците. За Рама конгресот е значаен и поради фактот што бил постигнат договор меѓу луѓе со различчни ставови. Тој се осврна и на улогата на Параскева Кирјази, родена битолчанка која, по своето образование во Америка, станала учителка во Корча.
Рама се осврна и на проблемот со кој се соочуваат мноштвото јазици во светската дигитална денешница.
Едно од решенијата што прозвучија на говорницата во Битола е заеднички долгорочен проект на Албанија, Косово и албанските институции во регионот за создавање голема дигитална библиотека достапна за децата и наставниците.
Во текот на посетата на Битола, албанскиот прениер постави и спомен плоча на зградата којашто денеска е почесен конзулат на Албанија во Битола со нејзиниот почесен конзул Имер Селмани. На годинешното одбележување на значајниот албански јубилеј присуствуваше и претседателот на македонското собрание Африм Гаши, минсистри и нивни заменици во владите на двете земји, претставници на дипломатскиот кор и граѓани.












