Од 1 декември стапуваат во сила нови правила за издавање боледување, според кои матичниот лекар ќе може да одобри отсуство без дополнителни дијагностички критериуми најмногу до пет дена, наместо досегашните седум. За продолжување на боледувањето ќе бидат потребни дополнителни испитувања или специјалистички прегледи, во зависност од состојбата на пациентот.
Од Фондот за здравствено осигурување појаснуваат дека ова не значи автоматско враќање на работа по петтиот ден, ниту ограничување на правото на боледување. Матичните лекари и понатаму ќе можат да отвораат боледување до 15 дена, а за подолг период ќе одлучува лекарска комисија. За боледување подолго од 60 дена, по правило, ќе биде потребно и конзилијарно мислење од тројца специјалисти, со исклучоци за одредени тешки заболувања и хронични пациенти.
Правилникот предвидува и можност за приоритетен упат кога е медицински оправдано, како и електронско издавање извештаи, постапка за повторно отворање боледување и право на приговор на лекарската оценка.
Не е дозволено отворање боледување за денови наназад, освен во исклучителни случаи кога пациентот ќе се јави кај матичниот лекар веднаш наредниот работен ден.
Исклучок од овие правила се пациенти со определени тешки заболувања, меѓу кои малигни заболувања, мозочен удар со тешки последици, мултиплекс склероза, повеќекратни тешки повреди и пациенти во терминална фаза на болеста.
За овие категории, правилникот овозможува продолжување на боледувањето подолго од 60 денови без задолжително конзилијарно мислење.
Новиот правилник предвидува и можност боледувањето да се утврди без физичко присуство на пациентот, но само во оправдани случаи.
Ова се однесува на тешко болни, неподвижни или тешко подвижни лица, пациенти на болничко лекување, лица кои придружуваат болно дете до тригодишна возраст за време на болничко лекување, како и лица кои се лекуваат или придружуваат болно лице во странство.
Во таквите случаи боледувањето се утврдува врз основа на соодветна медицинска и друга документација.
ФЗО воведува засилени проверки за да се спречат злоупотреби и да се следи дали се почитуваат лекарските препораки











