Со стартот на пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, алармот во Битола гласно ѕвони: ФК „Пелистер“ се најде токму таму каде што никој не сака ни да погледне, во зоната што води директно кон испаѓање во втора лига. Вчерашниот пораз од ФК „Башкими“ ја оттурна екипата уште подлабоко кон опасната зона, каде што секој следен чекор може да биде чекор до амбисот.
Ниту свежата „инфузија“ од странски засилувања, ниту скапите подготовки во Анталија не успеаја да ја разбудат играта што битолската фудбалска јавност со месеци ја очекува. Победата во првото коло против ФК „Работнички“ кусо ја разгоре надежта дека тимот конечно ќе фати ритам, но брзо и брутално се согледа реалноста.

Во наредните неколку кола следуваат натпревари што нема да простуваат грешки. Борбата за опстанок не само што почнува таа веќе станува сурова, неизвесна и сè потешка. Во Битола прашањето повеќе не е дали ќе има притисок, туку дали тимот ќе најде сила да се извлече пред да биде предоцна.













