Планираниот железнички сообраќај во државата нема да биде доведен во прашање, и покрај огромната штета предизвикана од кражба и уништување на железничката енергетска инфраструктура во близина на Драчево.
Ова го соопшти вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, по итниот координациски состанок со директорите на „Македонски железници – Инфраструктура“ и „Македонски железници – Траспорт“. На состанокот биле договорени клучните чекори за брзо надминување на состојбата со оштетената мрежа.
Ветеното ќе се исполни, од 1 септември стартува градскиот воз, вели Министерот Николоски кој упати децидна порака дека неодамнешниот вандализам нема да ги сопре ветените реформи и проекти во железничкиот сектор.
„Градски воз ќе има! Ветивме од 1-ви септември и од 1-ви септември ќе оперира! Редовен карго сообраќај на Коридор 10, кој носи најмногу приход на Железници, ќе има! Патнички возови за Велес, Гевгелија, Прилеп и Битола ќе има!“, дециден е Николоски.
Воведувањето на специјален меѓуградски воз на релација Прилеп – Битола – Индустриска зона „Жабени“ беше најавено како директен одговор на отежнатиот сообраќај во Пелагонија предизвикан од изградбата на новиот автопат Прилеп-Битола. Поради градежните работи, граѓаните во се принудени да го користат стариот пат со значително намален капацитет, што секојдневно го продолжува времето на патување.
За да им се излезе во пресрет на работниците во зоната „Жабени“ и граѓаните кои имаат дневни потреби за комуникација меѓу двата града, беше ветена промотивна цена од 150 денари за повратен билет.
Фокусот останува на заштита на Коридорот 10 и непречено одвивање на патничкиот сообраќај кон Битола, Прилеп, Велес и Гевгелија, како и конечен старт на новиот градски воз од 1 септември.
Градскиот воз и линијата Прилеп-Битола остануваат во план – Возот ќе биде во функција од 1 септември











