Ако патувате во Грција засега не сте задолжени да го имате новиот комплет за прва помош – примената на оваа обврска е одложена до јануари 2027.
Грција ја одложи примената на новите правила за задолжителниот комплет за прва помош во возилата, па наместо летово, новиот стандард ќе почне да важи од 1 јануари 2027 година. Одложувањето е објавено во грчкиот Службен весник, со образложение дека се остава дополнително време за приспособување на пазарот, сопствениците на возила и возачите.
Новата обврска не се однесува на самото поседување комплет за прва помош, кое веќе е дел од задолжителната опрема, туку на неговиот состав и технички стандард. Комплетот ќе треба да биде усогласен со европскиот стандард DIN 13164:2022 или со еквивалентен ISO стандард.
Според пропишаните правила, комплетот треба да содржи 16 предмети, меѓу кои изотермална спасувачка прекривка, леплива лента, самолепливи фластери, стерилни завои во различни големини, газа или преврска за изгореници, компреси за рани, еластични завои, триаголен завој, ножици, медицински ракавици, влажни марамчиња за чистење кожа, медицински маски и упатство за прва помош со илустрации. Материјалите треба да бидат исправни, во рок на употреба и со соодветна ознака.
Првично беше најавено дека новото правило ќе почне да се применува од 18 јуни, но грчките власти го поместија рокот до почетокот на следната година. За возачите што и по овој рок нема да го поседуваат пропишаниот комплет е предвидена казна од 30 евра.












