Познавачите велат стравот од казна има посилен ефект за промената на однесувањето од било која изречена казна. Оттука, повторното функционирање на пајак службата во градот и паркирањето на возилата беше во фокусот на веб анкетата на тера телевизија. Враќањето во функција на пајак-службата повторно ја наметнува дилемата каде да се остави возилото во град изграден за пајтони а не за џипови.
Веб анкетата на ТЕРА имено го наметна прашањето дали „пајако“-службата ќе го намали проблемот со непрописното паркирање низ градот? Резултатите велат, дека скоро 60% од тие кои самостојно одговориле на анкетното прашање не веруваат дека проблемот може да се надмине.

Само една третина од анкетираните веруваат дека пајакот може да биде решение за непрописно паркираните возила, и притоа го прифаќаат условувањето ставено во анкетното прашање „само доколку контролите бидат редовни и неселективни“.
Остатокот анкетирани сметаат дека суштината на проблемот е во недостатокот на паркинг места (25,42%), а најголемата група 39,83 % анкетирани сметаат дека се потребни поинакви „сериозни паркинг решенија“.
Полицијата и вработените од јавното претпријатие што ги води паркинзите спроведуваат редовна контрола. Кој ќе биде откриен и казнет, со здравје … да си ја следи процедурата.
И прекршокот е прекршок,иако психолозите имаат објаснување за однесувањето на луѓето кои сиот свој живот почитуваат правила, ама еднаш кога се принудени да ги прекршат, ги фаќаат.

Сликата на моторни возила во градот на пајтоните низ призмата на статистиката вели дека во градот има регистрирано 31.061 патнички моторни возилаж. Од нив преку 28,500 се патнички возила во сопственост на домаќинства, остатокот се товарни, доставни и службени возила на пртпријатија и институции во градот. Дневно од околината, Демир Хисар, Ресен, пелагониските села и грчки возила во локалниот сообраќај се вклучуваат уште стотици други. Оттука, велат психолозите , битолчани се поделени : едни не сакаат да си го нарушат сопствениот комфор и паркираат со саати пред кафулето кадешто пијат едно кафе за четири часа. Има и други, тие кои се фрустрирани дека за да завршат некоја работа низ градот мора да кружат половина час околу паркинг просторот кадешто овие првите паркирале од сабајле. Па, кај овие вторите непрописното паркирање може да се доживува како принуден чин – немаше слободно место, автомобилот го остави на тротоар.
На ова се надоврзува недостатокот на паркинг места. Но! Битола е стар градски град, неможе да се урива културното богаство за да се направат паркинзи. Оттука, познавачите велат дека се потребни современи решенија кои нема многу да ја нарушат естетиката на градот : монтажни гаражи, катни гаражи, решенија кои битолчани во последите години на неколку локации во градот демонстративно ги одбиваат како можност. Остануваат решенија за ограничено во минути паркирање, и воведување на ефикасен јавен градски превоз што ќе функционира 24/7 фреквентно.
Анкетата покажува генерална недоверба во институциите, но и двоен морал што започнува најпрвин кај донесувачите на одлуки, поилитичарите.
„Пајакот“ нема да го реши проблемот, но заканата од финансискиот трошок на поединците претставува можност за воведување елементарен ред во градскиот сообраќај.











