ТЕРА

REKLAMA???

Тивка смена во КК „Пелистер“: Пукна тиквата меѓу „Таскфорс“ и Општина Битола?

Без најава. Без прес-конференција. Без било каква јавна дебата. Без образложение. Само со кратко соопштение објавено на Фејсбук профилот, Кошаркарскиот клуб „Пелистер“ ја извести јавноста дека прави промена во раководната структура. Заминува досегашниот извршен директор Филип Ивановски, а на негово место доаѓа Предраг Созовски.

И толку. Ниту кој ја донел одлуката. Ниту кога е донесена. Ниту на која седница. Ниту дали воопшто имало седница. А, станува збор за клуб кој не е приватен бизнис, туку функционира со пари на граѓаните на Битола.

Заминувањето на Ивановски не е обична смена. Тој беше човек на компанијата Таскфорс, назначен оперативно да го води клубот во периодот на партнерството со Општина Битола. Спонзорскиот модел траеше три години и беше претставуван како стабилна основа за клубот. Но, токму сега, кога договорот за спонзорство со Таскфорс завршува, Ивановски си заминува. Дали договорот не е продолжен? Ако не е продолжен, зошто јавноста не знае? Ако е продолжен, зошто клубот молчи?

Дополнителна дилема отвора и прашањето дали евентуалното непродолжување на договорот со Таскфорс е поврзано со сè почестите шпекулации во битолската јавност дека компанијата се соочува со сериозни финансиски предизвици. Засега нема официјална потврда, но молкот само ги засилува сомнежите.

Уште поважно е кој доаѓа на негово место. Предраг Созовски е актуелен директор на ООУ „Св. Климент Охридски“, назначен на позицијата од градоначалникот Тони Коњановски. Под негово раководство, училиштето стана планетарно познато по случајот на осомничениот педофил, ангажиран во установата како психолог токму од Созовски.

Дали оваа кадровска промена во КК Пелистер значи дека завршува еден приватен модел на управување и клубот повторно добива човек директно од системот на локалната власт? Ако е така, веќе не зборуваме само за спорт, туку и за политичко влијание. Затоа што кога човек поставен од градоначалникот доаѓа на чело на клуб што го финансира истата таа општина, прашањето не е дали е способен. Прашањето е кој одлучува? Кој ја носи оваа кадровска политика? Управниот одбор? Градоначалникот? Спонзорите? Или некој четврти што јавноста не го гледа?
Вредно е споменеме дека само во 2025 година клубот прикажал приходи од над 36 милиони денари, а над 32 милиони денари се водат под нејасната ставка „останати трошоци“. Со овие податоци на ум, засега единствено е јасно дека парите во КК Пелистер се јавни, но одлуките се тајни. И тоа не е во ред!

КК Пелистер не е ничија приватна сопственост. Тоа е клуб со историја, идентитет и емоција за Битола. И токму затоа битолчани заслужуваат да знаат кој му ја крои “капата” на KK Пелистер и во чие име?

 

насловна фотографија: аи генерирана