ТЕРА

REKLAMA???

Ако се извинува за Козара, што треба да направи градоначалникот за сите други изневерени очекувања?

Ако за една улица која е раскопана цела година, градоначалникот излегува да се извинува, што треба да направи за сите лажни ветувања и изневерени очекувања во овие четири и пол години? Неговото признание дека системот што самиот тој го раководи не функционира, не го менува секојдневието на граѓаните. Што фајде ако и тој стана свесен дека ветувањата биле поголеми од капацитетот и дека реалноста ја победи пропагандата?

Но, Козара не е проблем туку симптом на една изборна програма која ветуваше сè: масовна реконструкција на улици, нови кружни текови, ново основно училиште, спортски комплекс, нов авантуристички парк, ревитализација на Тумбе Кафе, гасификација, топлификација, дигитална „смарт“ општина, нови инвестиции и илјадници работни места. Програма која гарантираше „веднаш“, „интензивно“, „за сите“. Програма која тврдеше дека ќе донесе нова иднина. Четири и пол години подоцна, таа „нова иднина“ не се случи. Наместо системско решавање на инфраструктурата, граѓаните добија по некоја улица годишно, со доцнења што стануваат правило, а не исклучок. Наместо капитални проекти што ќе го променат ликот на градот, Битола остана без ниту еден препознатлив проект што го обележа првиот мандат на Коњановски. Нема ново училиште што ја решава децениската потреба, нема нов авантуристички парк што ќе стане ново градско срце. Сè остана само ветување.

Гасификацијата и топлификацијата, проекти што директно влијаат на животниот стандард и загадувањето останаа класични политички флоскули со вградено алиби „ќе биде, ама не зависи од нас“. Дигиталната трансформација, со сите ветени апликации, услуги и „смарт“ решенија, исчезна без трага, сведена на празни презентации и маркетинг. Економијата? Нема инвестициски бран што може да се припише на локалната власт. Нема нова економска енергија. Нема пресврт. И сето ова се случува и покрај фактот што локалната власт има(ше) силна и великодушна поддршка од Владата на Република Северна Македонија. Тоа дополнително ја прави реализацијата не само слаба, туку очајно слаба. Кога имаш поддршка, а немаш резултати, тогаш обично проблемот не е во условите, туку во способноста. И тука доаѓаме до суштината, односно единствениот проблем не е што една улица доцни. Проблемот е што целата изборна програма на Коњановски од 2021 година, беше поставена како список на желби без реален план, без приоритети и без капацитет за реализација. Вети сè, а испорача малку. Затоа, извинувањето за Козара не е доволно. Ако веќе има доблест да се извини, тогаш нека покаже и доблест да преземе конкретен чекор. Нека побара свикување на вонредна седница на Советот на Општина Битола, и онака мнозинството го имаат, и нека предложи мерка со која жителите на улицата Козара и на сите околни улици што се раскопани и се работат со месеци, ќе бидат ослободени од плаќање комуналии за целиот период додека траат работите. Тоа би било барем минимална компензација за нервите, прашината, бучавата и секојдневниот хаос во кој живеат. Во спротивно, извинувањето останува само збор, а зборовите одамна ја изгубија вредноста.