Православните христијани денес го одбележуваат Велики Петок, најтажниот и најсвет ден во христијанството, посветен на споменот на распнувањето и смртта на Исус Христос.
Овој ден се смета за врв на Христовите страдања, кога, според христијанското верување, Исус бил осуден, распнат на крст и погребан. Верниците го поминуваат денот во длабока тишина, молитва и строг пост, воздржувајќи се од храна и секојдневни активности, како израз на почит и духовно прочистување.

Во православните храмови низ земјата се одржуваат посебни богослужби. Централно место има изнесувањето на Плаштаницата – симболично платно што го претставува Христовото тело. Верниците со почит и смирение поминуваат под Плаштаницата, верувајќи дека тоа носи здравје, благослов и духовна сила.
Според традицијата, на Велики Петок не се работи, не се пее и не се слави. Овој ден е посветен на размислување за жртвата на Христос и за вредностите на љубовта, прошката и смирението.
Иако исполнет со тага, Велики Петок е вовед во радоста на Христовото Воскресение, кое се прославува на Велигден – најголемиот христијански празник.














