По завршувањето на градежните работи на железничката пруга Скопје – Битола – Жабени, од денеска повторно ќе биде воспоставен патничкиот железнички сообраќај на релација Скопје – Битола и Битола – Скопје, информираат од ЖРСМ Инфраструктура.
Сообраќајот се нормализира по завршените работи на делницата од железничката станица Бакарно Гумно до товариштето „Никола Карев“.
Денеска од Скопје кон Битола ќе сообраќаат возовите 641 со поаѓање во 07:06 часот и 645 со поаѓање во 20:05 часот.
Од Битола кон Скопје, истиот ден ќе сообраќа возот 644 со поаѓање во 18:22 часот, додека возот 640 ќе тргне во 03:10 часот на 16 јули.
Од ЖРСМ Инфраструктура посочуваат дека со повторното воспоставување на сообраќајот се овозможува нормално одвивање на патничкиот железнички превоз на оваа делница.
Од денеска повторно сообраќаат патничките возови на релација Скопје – Битола













