Руската амбасада во земјава на социјалната мрежа Фејсбук реагира на изјавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи дадени за време на посетата на Украина во врска со цивилните жртви при руските напади, забележувајќи му дека притоа не ги споменал загинатите при украинските гранатирања.
Во објавата на Амбасадата се наведува дека претседавачот на ОБСЕ, Османи, шпекулирал „за жртви на руската агресија прифаќајќи ја пропагандата на режимот во Киев“.
„Но, кога пристигна на железничката станица во Киев, војниците на Зеленски ги гранатираа Донецк и Макеевка (Донецка Народна Република): има мртви, ранетите сè уште беа под урнатините“,се вели во објавата.
Според Амбасадата, Османи досега не ги споменал жртвите од гранатирањата од страна на украинските сили, „како и сите загинати и ранети од агресијата на киевскиот режим врз Донбас од 2014 година, чиј број изнесува илјадници“.
„Се работи за луѓето, велите?“, се додава во објавата.
