Најновиот филм на македонскиот режисер Горан Столевски „Of an age “премиерно го отвори 70.издание на филмскиот фестивал во Мелбурн. Актерката Дона Димовски Кантаровски која повеќе години живее и работи во Австралија беше дел истиот. За соработката на филмот истакна:
„Ја имав таа чест да бидам дел од овој тим на прекасни креативци благодарение на Горан. Познавајќи ја мојата театарска работа, тој ме предложил на една агенција од Сиднеј да ме контактираат во врска со една од улогите. Јас стапив во контакт со нив, им испратив снимен монолог, бидејќи тогаш излегувавме од пандемијата па се беше преку виде разговори. Но исто така ми стигнуваа пораки од негови блиски пријатели да ми кажат дека Горан ќе снима филм и бара актери кои можат да зборуваат српски јазик“.
Според неа еден фестивал високо рангиран на светот на филмот да се отвори токму со филм на македонски режисер е голем успех.
„После долго време преубаво е чувството да се слушнат позитивни зборови за Македонците. Кога Горан се појавуваше на австралиските екрани, новинарите го спомнуваа името Македонец, Македонија со големи пофалби. Се гордееме со Горан кој заслужно со упорна работа и со љубов кон професијата ја претставува Македонија и македонскиот јазик преку неговите дела – филмовите.Привилегија е да седиш во првите редови во Arts Centarot, да се гледаш себеси на голем екран и на крај да го прочиташ своето име и имињата на сите други македонски и балкански актери.Многу емотивно го доживеав сето тоа.“

Освен филмското платно, Дона ја освојува и театарската сцена, па така минатата година беше дел од неколку театарски претстави меѓу кои „Калигула“, „Жените од Троја“ и други. Дона исто така работи и на афирмација на македонскиот јазик.Повеќе години едел од македонското културно друштво Кочо Рацин.

Таа е истакнат дипломиран драмски уметник од Македонија , која во Скопје ја одигра водечката женска улога Миранда во претставата на Шекспир, ‘Бура” а потоа се вработи како професионална актерка во Битолскиот народен театар каде беше дел од повеќе од 30 претстави. Публиката се сеќава на нејзината маестрална игра во „Мајсторот и Маргарита“, но и во многу други претстави.За Битолскиот театар вели:
„Тоа место мене ми беше втор дом, мое театарско семејство, ако не бевме дома бевме во театар сигурно. Иако сум физички отсутна од Битолскиот театар моите емоции кон него секогаш ќе останат исти“.

Во текот на својата актерска кариера има добиено голем број признанија од кои позначајни се наградите за Најдобар млад актер ‘Трајко Чоревски‘ за улогата Ленче во драмата Бегалка од Васил Иљоски (НТ Битола), и најдобро актерско остварување во драмата Мајсторот и Маргарита за улогата Маргарита (НТ Битола).
А за тоа што најмногу и недостига од Битола ни рече:
„Ми недостига театарот, бифето, Добре од бифето, шеталиштето, Бомбата и тостот таму, сакам да се прошетам низ Широк Сокак и пазарот.Нашата прекрасна населба Недопирливи и улицата Милтон Манаки каде се наоѓа куќата од детството, од чија тераса можам да го видам Пелистер и ридот каде војската вежбаше, снегот во мојата улица, драгите колеги и пријатели, сето тоа ми недостига“.












