Од астма се заболени 334 милиони луѓе во светот. До 2025 година се предвидува дека бројот на заболени ќе се зголеми за уште 100 милиони, рече на синоќешната трибина др. Елизабета Иванова, специјалист, интeрнист, субспецијалист полмулог, претседател на Комисијата за здравство на СДСМ Битола. Таа во своето предавање на тема „Алергиска астма-болест на днешницата“ потенцираше дека и покрај напредокот во дијагностицирањето и употребата на терапијата сеуште повеќе од 50% од пациентите не се доволно контролирани.

Аерозагадувањето и покрај тоа што влијае врз респираторните и кардиоваскуларните заболувања, влијае и врз астмата, бидејќи тој е т.н тригер односно повлекувач којшто придонесува за влошување на состојбата кај болните лица од астма. Како покарактеристични материи супстанци коишто влијаат врз влошувањето на состојбата кај астматичарите се присуството на сулфур диоксидот и честичките PM10 и PM2,5 меѓутоа многу карактеристичен е и озонот, оној озон кој што е околу нас што го дишиме, рече Љупчо Стојановски претседателот на Комисијата за животна средина на СДСМ Битола.

Најчестите причини за појава на астма се честите бронхити уште во рано во детството, честите ринити, егземи, ринокоњуктивити, наследно во фамилијата, како и пушење цигари за време на бременост.

Јавната трибина ја организираше Форумот на жени на СДСМ Битола во соработка со комисиите за здравство и за животна средина на СДСМ Битола.












