Од 34 општини со седиште во град, ГУП-овите на 22 општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 м2 по глава на жител, стои во извештајот на Државната ревизија.

„Масовната урбанизација на просторот, долгите постапки за донесување на урбанистички планови, не донесените годишни програми за подигање и одржување на зеленилото, финансирањето на урбанистички планови од приватни лица, не изрекувањето на глоби спрема прекршителите, придонесуваат да не се исполни препорачаниот стандард на озеленетост во градовите“ велат ревизорите.

Од 34 општини со седиште во град само две општини (Град Скопје и Општина Охрид) имаат донесено стратегии за развој на зеленилото, Зелен катастар во форма на ГИС портал имаат три општини (Град Скопје, Кавадарци и Охрид), а 18 општини не ја испочитувале обврската за донесување на годишни програми за подигање и одржување на зеленилото, што укажува на немање долгорочна визија, цели, активности и индикатори за следење на урбаното зеленило на локално ниво.

Две општини (Битола и Прилеп) имаат направено инвентарисување на дрвја и грмушки, но не се во ГИС апликација и не се јавно достапни. Општина Битола до денот на ревизијата има подготвено три извештаи за фактичката состојба.

Иако, законската обврска за воведување на зелен катастар е од 2018 година, сеуште кај општините не постои интерес за создавање зелен катастар, односно 29 општини не преземале активности за негово воведување, со што не ги обезбедиле предусловите за правилно планирање и одржување на зелените површини, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.
ГУП-овите на 22 општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 м2 по глава на жител, а зелените површини кои се одржуваат и ново подигнатите зелени површини во корелација со бројот на жители согласно пописот од 2021 година укажува дека ниту една општина не го исполнува стандардот утврден во одредбите на член 19 од Законот за урбано зеленило.

„Од направената анализа на податоците од 30 општини, за зелените површини кои се одржуваат и ново подигнатите зелени површини во корелација со бројот на жители согласно пописот од 2021 година, утврдивме дека во планските опфати на ГУП-овите не е достигнат оптималниот стандард на застапеност на зелена урбана инфраструктура од 25 м2 по глава на жител“ стои во објавениот извештај.
Македонска Каменица има 15 м2 по глава на жител, а по неа следат Град Скопје и Демир Капија со 10 м2, Велес и Неготино со 9 м2, додека останатите имаат помалку од 6 м2 по глава на жител.
Од регинот Битола е со 6,9, Крушево со 5,5, Прилеп со 5,6.

„Министерството за животна средина и просторно планирање не врши надзор над општините во делот на спроведувањето на законските одредби за урбано зеленило и не е обезбедено континуирано следење на состојбите и промените во просторот, од причина што годишните извештаи за степенот на спроведување на просторниот план на државата се изработени со нецелосни податоци за фактичката состојба, а во периодот од 2021 – 2024 година, воопшто не се изработуваат“ се истакнува во извештајот.
За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица за создавање услови со кои ќе се подобри урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите.












