Општина Битола планира да започне да работи по сосема нов организациски модел. Советот на донесе Одлука за организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација. Со овој стратешки документ, се става крај на досегашниот систем кој датира од 2015 година.
Новата организациска шема на Општина Битола е исклучително гломазна и предвидува поделба на дури 10 сектори, 27 одделенија и две посебни единици Клучните промени вклучуваат формирање на посебно ИТ одделение за дигитализација, зголемена буџетска контрола преку Секторот за финансии, и целосно независен Сектор за внатрешна ревизија кој одговара директно само пред градоначалникот. Исто така, Општинскиот инспекторат е распарчен на три тесно специјализирани одделенија со цел поголема ажурност на терен.
Предлагачот на оваа реорганизација уверува дека граѓаните ќе почувствуваат низа олеснувања во секојдневниот живот. Со ИТ одделението се планира брзо воведување на напредни електронски сервиси (е-услуги) и дигитализиран Географски информациски систем (ГИС), со што граѓаните ќе вадат документи и ќе имаат јавен увид во урбанистичките планови директно од компјутер. Со тоа ќе дојде крајот за „шетањето по шалтери“. Се воведува отворен телефонски број за пријавување проблеми, како и Отворен ден за директни средби на граѓаните со градоначалникот. При носење важни одлуки, Општината ќе мора да спроведува анкети и јавни трибини. Новиот План за одржлива урбана мобилност треба да воведе ред во сообраќајот и екологијата и да донесе повеќе велосипедски патеки, подобар јавен превоз и ред во зонското паркирање. Најавен е и Катастар на загадувачи на воздухот и бучавата за построги казни на терен.
Сепак, внимателното читање на текстот ги открива и ризиците кои можат да предизвикаат институционална блокада и сериозни финансиски импликации. Така, формирањето на дури 10 сектори и 27 одделенија значи дека Општината ќе мора да назначи најмалку 37 раководни лица, со што голем дел од буџетот ќе се „топи“ за раководни плати и додатоци.
Во Одлуката, експлицитно стои дека Секторот за внатрешна ревизија одговара „директно и единствено на градоначалникот“. Ова отвора опасност ревизорите да бидат под притисок да ги ублажуваат или кријат извештаите доколку откријат финансиски нерегуларности направени од соработници на првиот човек на градот.
Понатаму, поделбата на инспекторатот на три посебни одделенија може да доведе до преклопување на надлежностите кај инспекторите и до „префрлање на топката“. При реален проблем на терен (на пример, диво поставена летна тераса која блокира пат), граѓаните ризикуваат да заглават во лавиринт меѓу комуналната, градежната и пазарната инспекција, каде секој ќе тврди дека не е надлежен.
Дополнително, под лупа е ставено и Одделението за човечки ресурси, кое добива задача да ги спроведува постапките за „мобилност“ на вработените. Иако во законот овој термин означува брза реорганизација на кадри, во македонскиот јавен сектор тој често се користи како правен механизам за преземање службеници од други институции, со што практично се заобиколуваат редовните јавни огласи и се отвора сомнеж за партиски кадровања.
На крај, се заканува и опасност од евентуална институционална парализа. Во мала средина како Битола, обврската на раководителите постојано да пријавуваат сопствен конфликт на интереси може да ја закочи работата со денови поради немање кој да потпише важни јавни набавки или контроли.
Одлуката за новата внатрешна организација која ја изгласа Советот е на предлог на градоначалникот Тони Коњановски. Сепак, одлуката не може реално да профункционира без финално „зелено светло“ од Министерството за јавна администрација.











