„Под мотото „Отворен круг”, фестивалот на народни игри и песни Илинденски денови денес започнува и ќе трае цели 13 дена. Со најобемна програма досега која предвидува 61 настан и повеќе од 1.200 гости кои доаѓаат од 19 земји на Интернационалниот фестивал на етно филмови кој е составен дел од фестивалот и од 8 земји гости на големото дефиле и вечерните концерти.

„Боите и ритмите на Чиле, Мексико, Ирска, Грузија, Хрватска, Србија, Бугарија, Италија и домашните ансамбли од Македонија ќе ги исполнат улиците и неколкуте отворени сцени на овој фестивал„ – истакна Маја Андоновска-Илијевски директорка на Центраот за култура од Битола кој е организатор на овој познат фестивал на денешната прес конференција.

Планирани се работилници за деца, селектирани се врвни изложби, испланиран е и традиционалниот стручен симпозиум кои ќе бидат убав вовед во фестивалските вечери. Па така во наредните денови не очекуваат и промоција на боенка „Народната култура – трајна инспирација“, детска ликовна работилница на истата тема, изложба на фотографии од автор од Унгарија, изложба на фотографии од Фондот на Браќата Манаки, Лица и места / Faces and places, одбрани етнографски фотографии од браќата Манаки, изложба на копаници „Уметност во дрво“, по повод „30 години јубилеј на Здружение на копаничари“, саем на книги од областа на народната култура и традицијата, изложба: „Везовите на Македонија“, промоција на аудио ЦД „Гласот на вечната љубов“ на авторот Стојан Трајковски, концерт на традиционална вокално – инструментална музика со групата „Аманет“ Скопје, концерт: „120 години Илинденско востание“, КУД „Илинден“ Битола, манифестација – коњички марш: „Патот на Илинденците“,Битолска коњаница „Галоп“ , семинар за традиционална музика и игра, промоција на „Зборник на трудови XV“, изложба: „Традиционалната култура во градот Штип“.

„Големото дефиле по улиците е најавено за 26 јули, а испланирани се до детал сите фестивалски денови кои на едно место ќе соберат над 1.200 учесници од светот. Ова е голем фестивал, но неговиот формат за овој тим не е проблем со оглед на искуството и нетворкот кој го имаме со меѓународната фолклорна организација CIOFF која се грижи за унапредување на грижата на нематеријалното културно наследство, фолклорот и традициите, со што ја продолжуваат мисијата на УНЕСКО со која CIOFF е во официјално партнерство“, истакна Валентин Соклевски стручен соработник и долгогогоишен главен координатор на овој фестивал на денешниот прес.
„Илинденски денови” се културна екстраваганција на народи и обичаи која ја прикажува убавината и богатството на народните традиции од целиот свет. „Посетителите ќе имаат можност да се нурнат во волшебните ритми, традиционалната музика, песна и игри, како и кореографиите што го одземаат здивот и што го прават фолклорот толку негувана уметничка форма“, рече Љупка Стефановска магистер по етнокореологија и дел од тимот.

Иницијативата во рамките на фестивалот да заживее и филмот како медиум, го создаде минатата година и Интернационалниот етнографски филмски фестивал, кој годинава се одржува по втор пат и носи 21 филмски наслов од 19 земји. Селектор на фестивалот е познатиот македонски новинар кој живее во Франција, Тони Гламчевски и кој заедно со својата сопруга таму организираат фестивал кој ги надмина нивните национални граници.

„Целта ни е да промовираме етнографски филм и визуелна антропологија, преку пристапен фестивал, кој ја рефлектира различноста на антрополошките реалности и современите прашања, истовремено обезбедувајќи простори за средби и дијалог. Наша цел е да го направиме етнографскиот филм попристапен до пошироката јавност“.
Подгответе се за неверојатно 13 дневно патување преку моќта на музиката, танцот, филмот како медиуми и уметноста, во секоја смисла на зборот, со гости од целиот свет на годинешното издание на Илинденски денови.
Фестивалот е под покровителство на Собранието на РМ, дел е од националната програма на Министерството за култура, а има поддршка од Општина Битола, Агенцијата за филм и неколку локални компании.
Влезот за сите настани е бесплатен.












