На 40-та седница на Советот на Општина Битола се најдоа завршните сметки на основните и средните училишта во Битола за 2023 година.
„Темата за училиштата беше табу тема пред пет-шест години. Во мандатот на Наташа Петровска таа тема се затвори со сериозна поддршка од Владата на Република Северна Македонија и со финансиска поддршка и со домаќинското работење на директорите во тој период, завршните сметки дојдоа во позитивна нула или во позитива, за денеска после две и пол години локална власта на ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот Тони Коњановски гледаме дека повторно училиштата се враќаат на старото, односно почнуваат да бидат во негатива. Ништо ново за работењето на директорите од страна на ВМРО ДПМНЕ“ рече советникот од СДСМ, Методија Илиевски.

„Перцепцијата на СДСМ се покажа дека е грешна. Во изминатите скоро три години локална самоуправа на ВМРО ДПМНЕ, како што обвинуваа дека нема проекти, дека не се во добра состојба јавните претпријатија, така сега и за училиштата, си бараат сопствени теми каде што сакаат само да плукаат. Не е точно.
Самите тоа го увидоа и на последните парламентарни избори. СДСМ секогаш има грешна перцепција и ќе треба самите да си ги увидат грешките кои што ги прават во изминатите неколку години, да се реформираат внатре и да излезат пред граѓаните кога ќе дојдат изборите. Меѓутоа и тогаш нема да им оди добро, бидејќи се што прават прават од инает и затоа граѓаните ги казнуваат“ вели советникот од ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски.
Бојкоски го прашавме и за изјавата на директорката на училиштето во Бистрица дека во Острец локалната самоуправа не го направи кровот на училиштетот, дека нема спортска сала во Бистрица, потоа за училиштето во Кременица дека е руинирано, за се имало ветување од градоначалникот, но ништо не се случило.
„Ја следев комисијата на која што беа поставувани договорени прашања од страна на еден советник од истата политичка партија. Си договараат прашања, а директорката си одговара која што е од СДСМ. Жалам што директорката не е добро информирана и ја повикувам веднаш да си поднесе оставка од функцијата директор на училиштето бидејќи не знае дека е изработен проект за спортска сала во Бистрица. Истиот беше тендериран. Такво непознавање носи одговорност. Ќе треба уште денес да си поднесе оставка од позицијата директор. Таа е таа која што треба да ги знае процесите во училиштето и менаџирањето на подрачните училишта. Таа покажа основно непознавање“ рече Бојкоски.

„Состојбата е како досега што викаат. Секогаш кога владее ВМРО ДПМНЕ како локална самоуправа училиштата тонат во долгови за превоз. Така што секое училиште има долг за превоз. Без разлика што во времето на СДСМ се покрија тие долгови, јас не знам како успеваат повторно да ги задолжат училиштата“ вели советникот од Левица, Горан Велевски.
Во продолжение и видеото од седницата на Комисијата за финансии и буџет каде директорката на училиштетот го кажа тоа.












