Во рамките на Бит фест беше одржана вечер со импров групата Настап. Во театарските игри на импровизација во форма на забавно шоу играа: Григор Јовановски, Сергеј Димовски, Ангела Стојановска, Наталија Теодосиева, а водител беше Борјан Стојков.
Импровизацискиот театар е чин на уметничко изразување во облик на непосреден, но комплексно структуиран јавен настап; обврзан да критикува, демистифицира и образува, оградувајќи се од вулгарност и прост подбив.

Импровизацијата и непосредната креација отсекогаш биле основен дел од креативниот процес. Постојат вежби и „игри“, кои ја освестуваат и развиваат способноста на изведувачот да се адаптира на секој нов проблем и секогаш да дејствува од релаксирана но активна позиција. Заснован на овие вежби за импровизација, адаптирани да се играат пред публика, импров театарот ѝ дава можност на публиката директно да учествува во создавањето на сцените кои актерите ќе ги одиграат за прв пат.












