Русија денеска го одбележува Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна со голема воена парада во Москва. 11.000 војници промаршираа денеска на Црвениот плоштад во Москва додека Русија ја прославуваше 77-годишнината од поразот на нацистичка Германија за време на Втората светска војна. Конфликтот во Русија се нарекува Големата патриотска војна, а 9 мај е еден од најпочитуваните празници во земјата.

Маршираа сите гранки на руските вооружени сили, вклучително и воздушните трупи, воената полиција, националните гардисти и кадетите.
Повеќе од 130-те оклопни возила беа предводени од легендарниот тенк Т-34-85, кој беше еден од најупотребуваните тенкови на Црвената армија за време на војната. Најсовремените главни борбени тенкови T-90M Провив, ракетните системи за противвоздушна одбрана С-400 и термонуклеарните интерконтинентални балистички ракети Јарс, беа меѓу другото највисокоразвиено оружје изложено на Црвениот плоштад.

Рускиот претседател Владимир Путин положи цвеќе на спомениците на херојските градови што претрпеа најголеми загуби во борбата против нацизмот, вклучувајќи ги Киев, Одеса, Ленинград, Сталинград.

Рускиот претседател Владимир Путин го одржа својот традиционален говор за Денот на победата на Црвениот плоштад во Москва порачувајќи им на руските борци дека сега се борат за безбедноста на Русија.
Тој исто така им го честиташе денот на „големата победа“ на ветераните. Денот на победата ја слави победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Како што пренесе Би-Би-Си, Путин во својот говор нагласи дека руската „специјална воена операција“ во Украина, како што Кремљ ја нарекува инвазијата, била неопходна и „навремена“ мерка.

Тој рече дека тоа е „правилна одлука“ на независна, силна, суверена земја.
Рускиот претседател наведе дека во текот на изминатата година имало тензии со другите европски нации и со НАТО.
– Русија ја повика Европа да најде фер компромис, но тие не сакаа да не слушнат, рече тој и додаде дека се подготвува „казнена операција во Донбас, источна Украина, каде што сега се фокусирани руските операции“.
– Во Киев велеа дека може да добијат нуклеарно оружје и НАТО почна да ги истражува териториите блиску до нас и тоа стана очигледна закана за нашата земја и за нашите граници. Сè ни кажуваше дека има потреба да се бориме, рече Путин.

Путин повика на едноминутно молчење за Русите убиени во Втората светска војна, но и за „војниците кои се борат за Русија во Донбас“.
По говорот, рускиот претседател доби аплауз од припадниците на руската војска на Црвениот плоштад, се интонираше руската химна по што следуваше и топовска стрелба.
Иако многумина очекуваа, Путин не најави ништо големо во неговиот говор по повод Денот на победата над фашизмот.
Сепак, како што коментира Би-Би-Си, во своето обраќање лидерот на Кремљ повторно се обиде да ја оправда руската инвазија врз Украина, велејќи дека НАТО и Украина создаваат закани „неприфатливи за нас“ на руските граници.












